Министерството за култура  го објави списокот на проекти од национален интерес во културата за кои ќе одвои средства во 2018 година.

Најмногу средства ќе добие „Авалон продукција“, околу 6 милиони денари (100.000 евра) за 25 концерти што ќе ги организираат во Скопје и Охрид оваа година. Со овие концерти „Авалон“ ќе одбележи 25 години постоење. Во Македонија ќе ги донесат Ален Вокер, Тото, Армин ван Бурен и други имиња кои за сега не се објавени, пренесува Женски магазин.

Околу 4,5 милиони денари Министерството ќе даде за организација на „Деценија без Тоше“, кој ќе се одржи во арената „Борис Трајковски“.

Министерството одобри 1 милион денари за фестивалот „Таксират“, а иста сума ќе добие и „Макфест“. „Пасвордпродукција“ ќе добијат 6.500 евра за дојранскиот „Д фестивал“ иако побарале 80.000 евра. Џез фестивалот во Тетово ќе добие 25.000 евра, а 10.000 евра ќе му дадат на здружението „Амадеус Мозарт“ од Гостивар за организација на „Гос фест 2018“. „Канал 77“ ќе добие 8.000 евра за „Радиски рок-џез фестивал“.

За промоција на проектот „Македонисимо“ на пијанист Симон Трпчевски Министерството ќе даде 500.000 денари, а 200.000 денари ќе одвои за концертот на Дуке Бојаџиев што ќе се одржи во Македонска филхармонија. По 200.000 денари ќе добијат и браќата Тавитијан и Влатко Стефановски, но и за јубилејот 20 години „ПМГ рекордингс“ кој ќе се слави во МКЦ и за детскиот фестивал „Златно славејче“.