Министерство за финансии: Новите услови го зголемија интересот за „Купи куќа – купи стан“

Министерството за финансии изготви прирачник за проектот „Купи куќа, купи стан“, кој е поставен на веб-страницата на Министерството. Од МФ велат дека за неполни три месеци откако стапиле на сила новите услови, интересот кај граѓаните е голем, а причина за тоа се намалените каматни стапки, новиот модел „Купи стан за млади“, како и дополнителната едногодишна субвенција на месечната рата за секое новородено или посвоено дете.

„Согласно новите услови, каматната стапка за моделот „субвенција на рата“ за првите три години изнесува 2,9 проценти, а за третата и за четвртата година 3,9 проценти. Намалена е и каматната стапка за моделот „субвенција на учество“. Истата сега изнесува 4 проценти за цело времетраење од исплатата на кредитот зголемена за 6-месечен еурибор. За младите до и со наполнети 35 години се воведе нов модел ‘Kупи стан за млади’“, велат од Министерството.

Притоа, корисниците што ќе го одберат моделот „субвенција на рата“, од државата ќе добијат субвенции во висина од 70 проценти од ратата во првите пет години од отплатата на станбениот кредит. Така на пример, за кредит од 50.000 евра вкупниот износ на субвенцијата изнесува 11.900 евра.

Оние, пак, што ќе го одберат моделот за помош при отплата на учеството, од државата ќе добијат субвенција во висина од 70 проценти од учеството за станот. За кредит од 50 илјади евра, државата ќе субвенционира 8.750 евра.
Дополнително, корисниците на субвенциониран станбен кредит, за секое новородено или посвоено дете ќе добијат дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата во висина од 30 проценти, појаснуваат од Министерството.

Новина има и кај моделот „Купи куќа за возраст над 35 години“. Сега оние што ќе аплицираат за овој модел ќе добијат поголема субвенција.

Лицата над 35 години ќе добијат субвенции од 80% од месечната рата во првите пет години за изградба или купување нова куќа, или 80 проценти од учеството при купување или изградба на куќа.