Мијалков не дојде на судењето за „Трезор“ поради проблеми со желудникот

Ексшефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, утрово не се појави на судењето за предметот „Трезор“ на СЈО. Неговиот адвокат, Љупчо Шврговски на судот му достави извештај од специјалист за здравствената состојба на неговиот клиент и рече дека не се чувствува добро, па затоа бил спречен да дојде на судењето.

– Повраќа, има проблеми со желудникот. Не сум лекар, еве ви извештај – рече Шврговски.

Обвинителите од СЈО, Трајче Пеливанов и Артан Ајро не побараа увид во медицинскиот извештај.

Судијката Џенета Бегтовиќ рече дека обвинетиот бил уредно повикан. Таа цитираше дека Мијалков доставил потврда од „Неуромедика“ и „Аџибадем Систина“, со кои се потврдува дека пациентот има отворено боледување од 25 септември. Бегтовиќ на латински ги читаше дијагнозите на Мијалков. Тој треба да направи контрола за една недела за да се провери соатојбата.

Како што беше наведено во дел од извештајот што го прочита судијката, Мијалков повраќал, имал гадење, подждригнувал, имал покачена телесна температура, хернија.

Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, Горан Грујевски, поранешниот началник на петтата управа, Тони Јакимовски, ексшефот во кабинетот на Мијалков и Небојша Сајковиќ, експомошник министер во МВР член на Управен одбор на Телеком се обвинети дека набавилеа опрема за прислушување во Лондон, 2010 година, но набавката не одела преку МВР, туку преку компанијата „Финзи“. Според СЈО, „Финзи“ во договор со УБК и МВР увозот на опремата го фактурирала по двојно поскапа цена.

Предметот е во фаза на доказна постапка и треба да продолжи со сослушување сведоци.

Мијалков бараше судот да му го врати пасошот за да се лекува во Чешка, но судот по негативното мислење на СЈО го одби.