Мицкоски за законот за ЈО: Не прифаќам и не преговарам за амнестирање криминал

Хибридниот режим на Заев турка закон за обвинителство за амнестија на криминалот и неправдите, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оценувајќи го предлог-законот за Обвинителството како антиуставен и во спротивност со кривичното право.

„Носењето квалитетно законско решение би значело решение по кое Зоран Заев и неговата екипа ќе треба да одговараат и да се докажуваат низ една транспарентна и законита постапка за сите обвинувања за криминал и афери. Токму затоа последниот што има интерес во државата од квалитетно законско решение за Јавното обвинителство е Заев. И затоа се толку силно фокусирани кон опструкции, кон кочење за носење квалитетно законско решение, но и наметнување предлог-закон кој ќе гарантира своевидна амнестија на криминалот на власта преку целосна контрола врз Обвинителството“, рече Мицкоски.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ врз основа на интерно спроведената анализа, но и екстерни консултации со експерти, изработило забелешки кон она што сега го предлага СДСМ и целта е да се направи вистински реформски закон.

„Повторно предлагаат формирање посебно обвинителство со енормно високи плати и додатоци на посебна каста привилегирани обвинители, а на штета на обвинителите во редовното Обвинителство. Предлагаат закон што е антиуставен и во спротивност со кривичното право. Со законот се наметнува обврска на Советот на јавните обвинители да ги префрли обвинителите од СЈО во рамките на новото обвинителство за организиран криминал, што е противуставно и противзаконски“, рече Мицкоски пред новинарите.

Според него, со овој закон практично во тек на постапка се сака да се озакони она што незаконски беше направено, односно преносот на процесите од СЈО во редовното ЈО.

„Да бидеме на јасно, закон со кој ќе се амнестира криминал ниту преговарам ниту прифаќам. Ова не е закон што треба да донесе правда, туку закон со кој се сака да се заштити хибридниот режим на Заев. Со ваквиот антиевропски закон, со кој не се почитуваат ниту мислењата на релевантните меѓународни тела, впрочем Заев ја оддалечува земјата од европскиот пат“, заклучи Мицкоски.