Меѓуетничка нетрпеливост причина за убиството на тинејџерот во Ново Лисиче

Тепачка поради меѓуетничка нетрпеливост е причина за убиството на седумнаесетгодишниот Никола Х., кој ноќеска починал во болница откако бил прободен со нож од А.Т.(18) по расправијата во Паркот на музиката во Ново Лисиче, дознава 24Инфо.

Според информации од извори во истрагата, убиениот малолетник бил гимназијалец од „Корчагин“, а убиецот е тинејџер од Чаир, со потекло од Босна.  За убиеното момче сите со кои разговаравме рекоа дека го познавале како мирно дете кое не било склоно кон инциденти. Тренирал и кошарка во МЗТ.

Расправијата била банална и почнала на меѓуетничка основа, бидејќи А.Т., кој бил со пријателот К.Д.(17) налетал на тинејџерите од Ново Лисиче.

Според информациите на 24 Инфо, поголемата група меѓу кои бил и Никола почнала расправија со двајцата „натрапници“, при што А.Т. бил навредуван и во еден момент турнат. Тој паднал, по што станал и почнал да бега. Неколкумина почнале да го бркаат и веднаш го стигнале, по што момчето добило неколку удари. Тогаш А.Т. извадил нож и го пробол Никола во градите, кој силно крварел пред да биде пренесен во болница, а убиецот бил пронајден и приведен.

Од МВР засега нема информации околу причината за крвавиот инцидент, освен првичните детали за тоа што се случило половина час по полноќ на клупите меѓу зградите на улицата Февруарски Поход, веднаш зад старата последна станица на автобусот бр.5 на ЈСП.

Локви крв и утрово сведочат за крвавиот инцидент, а главно постари жителите на околните згради, од каде некој го фотографирал инцидентот, расправаат за немилиот настан. Сепак, никој не се потрудил да ја избрише крвта од плочникот, која тврдоглаво стои пркосејќи на врелото сонце, а преку кои газат дечињата кои играат под будните очи на бабите и дедовците.

-Имало и постари луѓе на клупите, ама никој не реагирал, можеби мислеле дека не е сериозно, а можеби и се плашеле да се вмешаат да не настрадаат и они, вели еден од соседите.

Според него, жално е ова што се случува, но се чуствува дека луѓето се револтирани.

-Млади деца, место да се дружат…полиција нема во Ново Лисиче подолго време, никој да помине, патрола… Дивеат овде децава, ќе испијат по едно пиво, ќе земат ќе кршат клупи. На што личи тоа? Срамота. Не знам што било причина, но што и да е епилогот е трагичен, а каква причина треба да биде ваков епилог да има, секако е разочарувачки, вели соговорникот.

Како и зошто бил убиен Никола ќе покаже истрагата од које ќе биде познато дали учесниците во инцидентот консумирале алкохолни пијалоци пред да се случи трагедијата.