„Матка“ подготвена за јубилејното 50. издание на ИКАС

Во спортско рекреативниот центар Матка, на 7 и 8 април ќе се одржи јубилејниот  50. Илинденски кајак слалом – ИКАС.

Седум дена претходно ќе почне 10-дневен камп за талентирани млади кајакари. Заедно со слалом натпреварот ќе се одржи првото коло од Европскиот куп во Спуст ( дисциплина спринт).

И оваа година манифестацијата ќе биде помогната од Агенцијата за млади и спорт (АМС).

– Да бидеме домаќини на ИКАС претставува голема чест, но и голема одговорност. Со поддршката на 50. ИКАС Агенцијата за млади и спорт ја потврдува својата заложба за промоција на Матка како една од најдобрите места за овој спорт во Југоисточна Европа. ИКАС е синоним за квалитет и македонски бренд во светскиот кајак. Европската кајака федерација го препозна тоа и донесе одлука заедно со  слаломот оваа година да се одржи и првото коло од Европскиот куп во спуст.  Настаните од ваков тип се секогаш безрезервно подржани од АМСМ, па така и за ова ЕП одлучивме да излеземе во пресрет, рече Дарко Каевски директорот на Агенцијата за млади и спорт.

Организаторите најавија рекорден број учесници.

– Засега се пријавени кајакари од 14 земји, но рокот за пријавување се уште е отворен а се очекува да се прошири списокот на пријавени. Очекувам да стигнеме до бројка од 18 држави. Патеката на Матка е подготвена и ги очекуваме учесниците, посочи Атанас Николовски технички организатор на ИКАС.