Марин се пофали за сработеното во изминатите две години во Општина Аеродром

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, денеска ги презентираше позначајните реализирани проекти од својот двегодишниот мандат, меѓу кои ги наведе новата градинка „Буба Мара” во Ново Лисиче, четири нови краци на улицата „Пандил Шишков”, субвенции за печки на пелети, за чистење оџаци и поддршка и инклузија на лицата со попреченост.

Градоначалникот истакна дека изминале две години откако граѓаните на Аеродром му ја дале довербата, преку транспарентна, чесна и посветена работа заедно со членовите на Советот, реализирале голем број проекти, кои се главни приоритети на жителите на Аеродром, а со цел обезбедување подобри услови за живот.

– Изградивме нова градинка „Буба Мара” во Ново Лисиче со што двојно го зголемивме капацитетот на згрижување. Изградивме четири нови краци на улицата „Пандил Шишков” во Стар Аеродром. Ги поврзавме улиците „Коста Новаковиќ” и „Ангел Димовски” со кружен тек- рече градоначалникот Златко Марин.

Тој додаде дека по долги години конечно е реконструиран патот Јурумлери – Драчево во Долно Лисиче во соработка со Агенцијата за државни патишта, а целосно е осветлен трговскиот центар во населбата Лисиче.

– Набавивме и засадивме 5500 нови високостеблести дрвја за кои издвоивме 22 милиони денари. Доделивме субвенции за печки на пелети, за чистење оџаци, за велосипеди и инвертер-клими.  Доделуваме еднократна помош од 3.500 денари за секое прваче и еднократна помош од 5.000 за секое новороденче- истакна градоначалникот на Аеродром.

Како што појасни Марин, ги презел трошоците за обезбедување на училиштата, им даваат поддршка и инклузија на лицата со попреченост и доделува еднократна финансиска поддршка од 10 илјади денари за талентирани млади спортисти.

– Со забрзано темпо ќе работиме и во наредните две години остварувајќи ги предизборните ветувања што ги претставивме пред граѓаните и за кои ја добивме нивната доверба. Општина Аеродром ќе продолжи да се развива во насока на создавање современа, развиена европска општина, со висок стандард на урбано живеење и со подобри услови за сите граѓани- истакна градоначалникот.