Македонскиот филм "Борба за смрт" на престижниот фестивал во Пула

Краткометражниот македонски филм "Борба за смрт" на авторката Елеонора Венинова ќе учествува на Филмскиот фестивал во Пула, Хрватска, што ќе се одржи од 15-22 јули. Филмот е во официјална конкуренција со уште 18 филма од целиот свет.

Филмскиот фестивал во Пула е еден од најпрестижните регионални фестивали, а на неговото 64. издание ќе бидат прикажани стотина филмови во неколку натпреварувачки категории.
Пред учеството во Пула, "Борба за смрт" ќе биде прикажан и на Балкан филм фуд фестивал во Поградец, Албанија, на почетокот на јули. Во јуни филмот беше прикажан и во Париз на фестивалот за филмови од југоисточна Европа, СЕЕ филм фест.

Воедно, ова е продолжување на фестивалските успеси од претходната година, кога "Борба за смрт" освои две награди, "Златна мачка" за втор најдобар филм во меѓународна конкуренција на Филмскиот фестивал за краток филм во Измир, Турција и награда за Најдобра машка улога на Интернационалниот фестивал за краток филм во Драма, Грција. "Борба за смрт" досега учествуваше на над дваесет фестивали низ светот, вклучувајќи голем број на фестивали кои се квалификациски за БАФТА, Оскар и Европските филмски награди.

Парадоксалната драма во која двајца старци се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село се снимааше минатото лето во мариовското село Кален. Сценариото и режијата се наградуваната македонска филмска авторка Елеонора Венинова, продуцент е Гоце Кралевски од ДНФ филмс. Во улогата на двајцата дедовци се актерите Мите Грозданов и Илија Струмениковски, а директор на фотографија е Димо Попов.