Македонска премиера на најновиот филм на Милчо Манчевски

На 22.03.2018 (четврток) со почеток во 20 часот во кино Милениум ќе се одржи премиерата на „Бикини Мун“, најновиот американски филм на македонскиот режисер Милчо Манчевски.

Билетите за филмот се пуштаат во продажба на 14.3.2018 (среда), а истиот продолжува на редовниот репертоар на киното уште истата вечер од 22 часот.

Во меѓувреме, „Бикини Мун“ почна да се прикажува на повеќе светски фестивали. Светската премиера на филмот беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската премиера беше дел од познатиот Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија.

Неодамна, на 38. Меѓународен филмски фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, филмот на Манчевски ја освои специјалната награда од жирито. Вчера „Бикини Мун“ беше премиерно прикажан и на Меѓународниот филмски фестивал во Софија, Бугарија, во програмата „Мастери“, а пред тоа и на ФЕСТ во Белград. Следуваат фестивалите во Сарасота (Флорида), во Истанбул, Филмскиот Фестивал Менхетен (Њујорк), во Франкфурт (Германија) и Нешвил во мај.