Македонија ќе го регулира фрлањето храна со закон

Македонија фрла по 5.000 тони храна годишно, количини кои може да снабдат 13.000 луѓе со три оброка дневно.

За надминување на ваквата состојба се изготвуваат законски измени кои, како што беше речено денеска во Стопанската комора, ќе бидат готови најдоцна до почетокот на идната година, а предвидуваат наместо да се фрла, храната да се донира во хуманитарни цели.

Со регулирањето на фрлањето на храната најпрво ќе бидат опфатени маркетите, добавувачите и производителите по што, во втората и третата фаза ќе бидат таргетирани и рестораните, кетеринг службите и домаќинствата.

- Македонија е седма во светот по фрлање храна, а штетата од тоа достигнува 10 милиони евра. Најмногу храна фрлаат домаќинствата, дури потоа се рестораните, производителите и добавувачите. Бројките се многу сериозни и веројатно достигнуваат 10 илјади тони годишно, количина која би можела да биде однова за една цела нова социјална програма за загрозените, истакна Блаже Јосифовски, претседател на Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“ која е иницијатор на законските измени.

Според него, иницијативата е поддржана од бизнис секторот, коморите и Владата и веќе е формирана работна група која работи на предлог- текстот.

Со законското решение ќе се бара бизнисите да бидат ослободени од данокот на додадена вредност за храната што ќе ја донираат, но и од кривична одговорност при евентуални незгоди или злоупотреби ако доследно ги почитуваат правилата за безбедна храна.