Луѓето се менуваат и тоа е сосема во ред

Долго се немавме видено и сега кога седевме една наспроти друга, беше болно смешно колку не се познаваме. Не бевме најдобри другарки, не се познававме онака „до коска“, но се чувствувавме една со друга. И таа, во мојата глава беше некој кој никогаш нема да се промени. Некој кој непоколебливо ќе остане доследен на себе и својот развој. Една од оние личности кои зрачат, кои ја познаваат разликата помеѓу прилагодување и менување заради некој. Една од оние кои секогаш ќе го одбере првото. Имавме многу заеднички работи. Не само во смисла на филмови, песни и книги. Споделувавме подеднакво оптимистичен поглед за луѓето и светот. Се смеевме на глупости и правевме глупости. Верував дека таков дух е невозможно да се одглуми или да се скрши. 

И потоа... не се случи ништо. Едноставно помина некое време и не се гледавме во тој период, секоја си беше фокусирана на своите обврски и својот живот. Се имавме на Фејсбук, си бевме во тек со новостите кои ни се случуваат. И натаму ја носеше истата насмевка и делуваше дека ја има истата животна енергија. Понекогаш ќе видев некој статус и коментар и ќе помислев дека тоа делува како да го напишал некој друг човек. Но, не се работеше за ништо алармантно, не се работеше за некои сериозни теми. Сѐ уште ми делуваше дека е онаа пријателка која јас ја познавам. Сѐ додека темите не станаа сериозни, а нејзините ставови сосема поинакви. Како некој друг да ги изнесува. Мислев дека сигурно има некоја причина. Сигурно се зафркава.

Се договоривме да седнеме на кафе и... ништо. Збореше без прекин, а зад таа широка насмевка немаше силна животна енергија, туку неверојатна огорченост и завист. Сѐ што некогаш ни беше забавно сега ѝ беше навредливо. Сѐ што избегнувавме сега беше во средиштето на нејзините интереси. Сѐ беше или црно или бело. Немаше разбирање за луѓето, само чиста осуда. Како некој да ѝ ја собрал и цврсто ѝ ја заврзал со јаже. Ја гледаш, се воодушевуваш на цврстината, но не сакаш да ја допреш. Затоа што не е мека. Затоа што ти се чини дека малку посилен притисок може да ја распрсне на милион делчиња. 

Не ми беше јасно. Не ми беше добро. Седеше наспроти мене и болно ми недостасуваше. Онаа која знаеше да направи разлика меѓу важното и неважното. Онаа која немаше желба секогаш да биде по нејзино или онаа која секогаш мораше да биде во право. Непоколебливо заљубена во својот мир и својата реална среќа. Онаа која сега не ја гледав пред себе. Не можев ни да се пошегувам, затоа што секоја втора реченица ја започнуваше или завршуваше со: „Не треба да се шегуваш со тоа.“ Ама ако не се шегуваш, како ќе се смееш? Сепак, таа се смееше. Нејзината насмевка беше гласна и широка, но не беше заразна како порано, некако не можев да се придружам во смеењето. Таа се смееше затоа што се потсмеваше, затоа што тоа значеше дека е подобра од некој друг, дека никој не ѝ е рамен. Таа која никогаш не се мереше, која знаеше дека нема поента да се споредува со другите.

Долго се немавме видено и сега, кога седевме една наспроти друга, јас се срамев, затоа што не ја препознавав. На одење се разделивме со она глупавото ветување дека „мора во скоро време да ја повториме средбата“. Не сакав ништо да повторувам. Сепак, со денови оваа средба ми се вртеше во глава. Како е возможно некој толку да се промени? Што треба да се случи? Од сите луѓе, како е возможно да се случи да не сакам повторно да ја видам?

И тогаш сфатив: Луѓето се менуваат и тоа е сосема во ред. Престануваат да ви се допаѓаат, но и натаму ги сакате. И тоа е во ред. Не сте вие виновни. Разделувањата и разминувањата се случуваат без нечија вина. Само се случуваат. Ослободете се од тоа чувство додека не ви го скршило срцето...