Љубов во резерва...

Веќе подолго време размислувам за луѓето кои се јавуваат само кога нешто им треба, тие имаат посебен шаблон на самосожалување и кукање и често имаат некој проблем со кој одземаат нечие време, љубов и енергија, а во моментот кога ќе добијат внимание – засекогаш ги снемува. Тоа е стара приказна, но на сите ни се повторува.

Низ текот на годините и јас стекнав неколку такви „пријатели“. Можеби не би ни обрнала внимание да не почнав да забележувам како сум сѐ поуморна и како ми недостига време за себе. А тие неколку луѓе само се вртеа во круг: некој има проблем на работа, некој со дечкото или девојката, некој со семејството, а само јас летам од еден до друг и „гасам пожари“. И така цело време во круг и одеднаш сфатив дека сум влегла во маѓепсан круг во кој многу работам, а немам пари. Застанав и сфатив дека јас сум им на тие луѓе нешто што се нарекува „љубов во резерва“, кога им е потребно да им го поправам денот, да им дадам совет или да им го нахранам егото, први се јавуваат, се нахрануваат и си одат.

Што е „љубов во резерва“?

Љубов во резерва всушност е една толку незгодна улога која може да се појави во секоја врска, од пријателска до работна и те става во позиција во која многу даваш, малку примаш и не разбираш што се случува. За жал, таа позиција често ја мешаме со пријателство и затоа постојано даваме, а малку добиваме назад.

Овие личности секогаш имаат некаков проблем и со самото тоа тие се поважни од тебе, имаш впечаток дека сакаат да ти помогнат, но и тоа е насочено кон нив, ако не е по нивно кога им требаш или паѓаат во очај или го креваат носот, се лутат и те оставаат со некакво чудно и лошо чувство на вина. Многу е интересно тоа што кога им е добро пак наоѓаат некаков начин да те игнорираат или ако тебе ти е добро, ќе најдат начин како да направат да се чувствуваш лошо. Ти треба да ги толерираш сите испади, затоа што знаат дека секогаш си тука.

Верувам дека препознавте многу ваши односи во овој текст, а ако ги имате, оддалечете се барем за миг, особено ако сте без енергија или слично, затоа што сѐ додека сте во резерва, нема да имате време да бидете главната улога во вашиот филм.

Бирајте ги мудро оние на кои им давате парче од себе и своето време!