Легендата за настанокот на селото Црешево, денес модерно и урбано место за живеење

На 300 метри надморска височина, на 12 км од центарот на Скопје, со 1500 жители, централно основно училиште и околу 400 домаќинства, селото Црешево е модерно урбано и средено место за живеење.

Црешевчани се горди на местото, на положбата, на славите, на кумот и на традицијата.

Црешево е старо село кое се наоѓа на самото подножје на планината Скопска Црна Гора. Податоци за настанокот и од кој век постои селото не се познати. Се смета дека уште за време Римското царство постоела населба која се наоѓала 3 км под селото и која се спомнува како Еленово.

За настанокот на селото постојат многубројни преданија и легенди. Едно предание гласи вака: Во дамнешно Турско во селото живеела една бабичка која имала едно петгодишно внуче по име Стојан. Стојан уште од најрана возраст останало сираче и ја имал само баба му. Кога дошол турскиот аскер како и секаде да наплати данок во крв дошле и кај бабата и го побарале малиот Стојан, бабата ги молела ги проколнувала да не ѝ го земаат зашто само тој ѝ останал.

Турските аскери сакале да се пошегуваат со бабичката и рекле бабичке ја гледаш ли црешната во дворот која едвај имала едно гранка, ако сакаш да си го спасиш внучето за една недела кога ќе дојдеме на црешната да има макар една здрела црешна. Бабичката ги зарекла со беса дека ако се случи тоа дека ќе го поштедат малиот Стојан.

Турците се согласиле и си отишле. Бабичката се тувкала и на крај ѝ текнало што да направи. Го прегнала коњот и отишла дури во Шишево каде уште тоа време било познато дека Шишево имало најрано цреши вадено на пазарот. Скршила една гранка на која имало десетина цреши и се вратила дома.

Ја зела гранката, ја врзала на постоечката цреша и ги чекала да дојдат Турците. Кога дошле тие се изненадиле, кога дошле поблизу виделе дека бабичката мајтап си играла со нив многу се налутиле ја довеле бабичката до црешата ја мачеле, ја тепале да признае што направила пред очите на малиот Стојан. Таа не признавала под никаков притисок само да си го спаси внучето.Тоа многу ги разлутило турците и ја погубиле пред очите на малиот Стојан а него го оставиле жив за да за да раскажува за злоделата и моќта на турската империја од тогаш местото е наречено Црешево.

Постојат документи каде се спомнува Црешево уште во Отоманската империја во документите на Мустафа паша кој бил награден за својата лојалност кон султанот Бајазит II.

Мустафа Паша бил везир на султаните Бајазит II (1481-1512) и Селим I (1512-1520) и извршувал високи државни функции во Отоманската империја. Тој поседувал голем имот во Румелија и четири села во околината на Скопје: Булачани, Батинци, Раштак и Црешево. Бил син на Абдулах (Абдулкерим), имал две жени, и двете по име Хуршид, и четири ќерки Хани, Уми, Шах Земан и Хума.

Значајни археолошки локалитети во атарот на Црешево се: Крши Дол, најдена некропола од римското време. Селиште, осамен наод од римското време. Смиљковце, населба од римското време.