Легендарниот блуз - гитарист Стен Веб со настап во Скопје

Дел од историјата на британскиот блуз, гитаристот и вокалист Стен Веб на 23 февруари директно од Лондон доаѓа во скопскиот клуб „Станица 26“ каде што ќе одржи настап со почеток од 20 часот.

Покрај концертниот настап, македонските љубители на блузот ќе имаат ретко задоволство да се запознаат со легендарниот гитарист, а музичарот со големо задоволство ќе ги потпише нивните плочи и дискови, најавуваат организаторите.

Како млад талентиран гитарист, Стен Веб бил фасциниран од „црнечкиот“ звук, особено од музичарите како Фреди Кинг, Мади Вотерс и Бади Гај, кои имале големо влијание во градењето на неговиот сопствен музички израз што во средината на шеесетите години го интепретира со својот состав Chicken Shack.

Билетите за овој ексклузивен концерт, кој е во организација на концертната агенција и продукција „3 гонга“, се по цена од 1.000 денари. Ексклузивно, овој месец организаторите нудат специјален блок-билет за претстојните четири концерти, меѓу кои е оној на Стен Веб и Chicken Shack, Скот Хендерсон, кој ќе настапи на 7 март, Софт Машин на 14 март и Стик Мен заедно со Тони Левин на 22 март, по цена од 3.000 денари.