Квалитетни велосипедски патеки во Скопје: Од Аеродром преку Центар и Карпош до Ѓорче Петров

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Аеродром Ивица Коневски и директорот на ЈП „Улици и патишта“ Синиша Ивановски, денеска присуствуваа на почетокот на градежните работи за реконструкција на велосипедската патека на булевар „Јане Сандански“.

Реконструкцијата на оваа велосипедска патека е дел од втората рута од капиталниот проект за подобрување на велосипедската инфраструктура во главниот град „Скопје Велоград 2014-2017“.

Рутата 2 од овој проект е со вкупна должина од 11 километри и истата ги поврзува општина Аеродром, преку општините Центар и Карпош, до општина Ѓорче Петров. Истата ги опфаќа булеварите „Февруарски поход“, „Видое Смилевски Бато“, „Јане Сандански“, „Кузман Јосифовски Питу“, „Кеј 13 Ноември“, Плоштад „Македонија“, бул. „ВМРО“ и бул. „Партизански одреди“ до Порта Влае. По булеварите велосипедските патеки ќе бидат од двете страни, додека од Кеј 13 Ноември до бул. „ВМРО“ патеката ќе биде од една страна и ќе биде двонасочна.

– Со овој проект ќе се добијат квалитетни велосипедски патеки, обележани со стандардизирана јасна и видлива хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација и ќе бидат изработени од асфалт. Спуштањата на раскрсниците ќе бидат изведени од рампи, додека по должината на патеките ќе бидат поставени заштитни столбчиња. Исто така, ќе се дислоцираат сите пречки на велосипедските патеки како што се билборди, канделабри, контејнери, сообраќајни знаци и сл. Со реализацијата на овој проект ќе се овозможи жителите на Скопје непречено да го користат велосипедот како рекреативно и транспортно средство, со што ќе се растовари сообраќајот и позитивно ќе се влијае на животната средина – кажа градоначалникот Трајановски.

Во втората рута од овој проект се предвидува реконструкција на постојните велоиспедски патеки на булеварите „Јане Сандански“, „Кузман Јосифовски Питу“, „ВМРО“ и „Партизански Одреди“, додека на булеварите „Февруарски Поход“, „Видое Смилевски Бато“ и Кеј „13 Ноември“ ќе се градат нови велосипедски патеки.

На терен на реализација на овој проект ќе работат екипите на ЈП „Улици и патишта“.

За потсетување, изминатиов период интензивно се работеше на велосипедските патеки од Рутата 1 (Гази Баба, Центар, Карпош, Ѓорче Петров), каде што се реконструираа и изградија велосипедски патеки на следниве локации:

– на булеварот Александар Македонски, од клучката кај хотелот „Континентал“, до клучката Естекада, од двете страни;
– на улицата Беласица, од булеварот Гоце Делчев до клучката кај хотелот „Континентал“, од двете страни;
– на булеварот Гоце Делчев, од булеварот Крсте Мисирков до улицата Беласица, од двете страни;
– на булеварот Илинден, на потегот од крстосницата со булеварот Свети Климент Охридски до фонтаната „Лотосов цвет“ и
– на улицата Ѓорче Петров, од булеварот Македонска војска до мостот за Сарај.

Во моментов се довршуваат градежните работи на оваа траса и се работи на спуштање на рабниците за велосипедите, со што ќе се комплетираат работите од Рутата 1, каде што се изградени и реконструирани околу 10 километри велосипедски патеки.

Со проектот СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД 2017 по должината на градските улици и булевари ќе се оформат четири главни велосипедски рути кои се протегаат во насока исток – запад и 7 конектори кои се протегаат во насока север – југ, и тоа: РУТА 1 – Гази Баба-Центар-Карпош; РУТА 2 – Аеродром-Центар-Карпош-Ѓорче Петров; РУТА 3 – Кисела Вода – Центар – Карпош; РУТА 4 – 2016-2017 година – Бутел-Чаир-Центар, како и седум конектори – 2017 година.

Со реализација на проектот СКОПЈЕ ВЕЛОГРАД, до 2017 година ќе се изградат и реконструираат вкупно 51 километар велосипедски патеки во Скопје.