РЕТВИТНИ ОБРОК УСПЕА ДА ПОКРЕНЕ ПОВЕЌЕ ОД 1000 ВОЛОНТЕРИ И 30 ФИРМИ ДА ИМ СЕ ПРИКЛУЧАТ

Наместо на after work забава во некое кафуле, твитер иницијативата Ретвитни оброк создадена од млади луѓе, секој петок повеќе од две години подготвуваат околу 150 оброци за бездомни лица на кои храната им е навистина потребна и неопходна. Екипа на Скопјеинфо во петокот беше на посета кај овие ентузијасти кои ги “начека“ во организирана работна атмосфера.

Едни сецкаа зеленчук, други печеа и вареа продукти, некои пишуваа пораки и ја пакуваа храната или подобро кажано секој си ја завршуваше својата улога при подготовките. Во весела работна атмосфера околу дваесетина луѓе се грижеа се да биде во најдобар ред, едни си заминуваа, а други пристигнуваа да дадат свој придонес и да се заврши работата. Ведрина и желба за добро дело е тоа што ја краси оваа иницијатива, а во продолжение ќе можете да дознаете како Ретвитни оброк прерасна во едно големо семејство, колку волонтери и фирми успеале да анимираат со својата иницијатива, дали е тешко да се жртвува сопственото време за да се подготуваат оброци и уште некои интересни работи ќе дознаете во интервјуто со Кристијан и Мила од Ретвитни оброк.

Скопје Инфо: Вашата добрина ја покажувате на дело повеќе од две години, како е да се биде тука и да се подготвуваат оброци за бездомни лица, а да не се биде во некое кафуле на познатите afet work забави?

Кристијан: Ние сакаме да бидеме тука и да го правиме ова што го правиме. Слободно можам да кажам за луѓето што доаѓаат со месеци, но и тие се години на некој начин се ова што го правиме е еден вид жртва. Секој од нас го жртвува своето лично време, но кога ќе кажам дека го жртвуваме времето, не мислам само на овие неколку саати, туку целиот тој процес на координација, организација, кои продукти ќе ги има за подготовка на храна, што ќе се готви и слично. Ние сакаме да направиме некаков допринос, да направиме нешто за овие луѓе, ние успеавме да ги забележиме, тие се нашата реалност во нашето општество. Многу е лесно да поминете покрај оваа категорија на луѓе и да ги одминете, а од друга страна ние ги забележавме па со некои од нив кога ќе се сретнеме можеме и муабет да си направиме. Ние посакуваме да не се смета ова што го правиме за голема работа, туку секој да придонесе за да живееме во поубаво општество.

Скопје Инфо: Сметате ли дека со вашата иницијатива креирате култура на хуманост и добрина?

Кристијан: Искрено да. На некој начин ние креираме култура на добротворење, ние сакаме добрите дела и хуманост да бидат нешто вообичаено, а не да наидуваме на изненадување и восхит од типот „некоја група на луѓе готви оброци, браво, секоја чест“, туку да ги забележуваме тие луѓе, да бидеме хумани и секој од нас да има мал допринос за едно поубаво општество. Да креираме култура на добрина, се случува на комшијата да му е потребна храна, тој не е бездомник, но сепак му е потребен оброк кој можеме да го поделиме со нив. Секогаш кога готвиме дома готвиме многу повеќе отколку што ни е потребно, па останатиот дел од храната не треба да се фрла, туку храната да се спакува и да се даде некому кому му е неопходна.

Скопје Инфо: Можевте ли пред повеќе од две години да претпоставите дека ќе успеете со вашата иницијатива да анимирате фирми и волонтери без ваше барање да ви се приклучат?

Мила: Искрено не очекувавме, ниту го баравме тоа, едноставно се случи и многумина се приклучија и станаа дел од Ретвитни оброк и секој на свој начин даде свој допринос. Нашиот успех е тоа што успеавме да анимираме над 1000 луѓе кои ни помогнале на различен начин, а повеќе од 30 фирми имаат донирано продукти и храна. Постојано имаме волонтери кои што доаѓаат да ни помогнат во подготовка на храна, исто така добиваме огромна помош од фирми кои се заинтересирани да донираат, некои ни донираат готови оброци, други продукти, а нашето правило од почетокот е да не примаме финансиски средства со кои би купиле продукти, туку ние им кажуваме што е потребно, а они да го набават. Секој што на некој начин имал улога во Ретвитни оброк, тој е веќе дел од нашиот тим, покрај луѓето што подготвуваат храна имаме и човек што ни го прави логото, банери за инвенти и слични работи.

Скопје Инфо: Се познававте ли меѓусебно пред да ја започете иницијативата на Твитер?

Мила: Искрено не верувам дека на некое друго место би запознала толку луѓе кои би ми станале блиски, ние всушност сме едно големо семејство. Интересно е тоа што никој меѓусебно не се познававме, туку едноствано не соединија истата желба и истите намери.

Скопје Инфо: Вие ги подготвувате оброците, но се случува да им помагате на луѓето од организацијата Вистински дела на љубезност при делењето храна, тешко ли е да се оствари контакт во оваа социјална група на луѓе?

Кристијан: Остварувањето на контакт со нив е многу тешко, јас би рекол дека оние се груби, но само затоа што животот бил груб кон нив. Нивната недоверба кон секој што ќе се обиде да се доближи до нив е оправдана, бидејќи ако вие завршите на улица, сигурно ве потфрлил некој близок, пријател, системот во кој живеете, а секоја судбина е приказна за себе. Довербата се гради со лична комуникација. Социјалниот конкат и добриот збор кај нив прави тие да веруваат во вас и во вашите добри намери. Не треба да се плашиме да им пристапиме на овие луѓе, но потребна е нежност и разбирање кон нивната состојба.

Скопје Инфо: Кој е вашиот став доколку наидете на негодувања од страна на некои луѓе дека тоа што го правите не е правилно, туку дека тие луѓе треба сами да си го заработат лебот?

Мила: Секако дека наидуваме и на поинакви мислење и реакции кај луѓето, од типот како не ви е гадно, па толку време губите, па нека одат да работат и слично. Сепак, тие луѓе штом се прегазиле себеси за да дојдат да земат храна, ние ја чувствуваме нивната потреба, треба да сакаш да го правиш тоа што ние го правиме и на тој начин никогаш нема да ја осудуваш оваа социјална група на луѓе. А кога ќе сретнам луѓе кои ме осудуваат за тоа што го правиме, јас само ги прашувам зошто и они не го прават тоа што ние го правиме. Секако дека и јас се согласувам со ставовите дека треба сите да работат, но верувајте повеќето од нив имаат психички и здравствени проблеми и тие лица не се способни за работа. Потребни се стручни лица за работа со оваа категорија на луѓе за да можат да се вратат и повторно да бидат дел од општеството, бидејќи овие лица во моментов се чувствуваат како одметници во ова општество.

Скопје Инфо: Какви се идните планови на Ретвитни оброк?

Мила: Нашата идеја и желба е всушност Ретвитни оброк да прекине, а таа социјална група на луѓе да биде заштитена од државата, да се вратат назад во општеството и да бидат дел од него. Сега сме дел од формирање на новиот закон против фрлање на храна, и искрено ние не сме навикнати да бараме бидејќи ние сме иницијатива, а не невладина организација.