Корзото на главната улица “Крал Петар” било душата на град Скопје

Улиците, парковите, куќите, луѓето и секојдневните случувања во градот ја претставуваат душата на еден град. Еден таков белег на градот претставувало и скопското корзо.

Сé што требало да се покаже во градот  се покажувало при прошетките на корзото секој ден попладне, а особено во неделите.

Развојот на градот влијаел и на изгледот на корзото.  Во 1919 година улицата “Крал Петар” била крива улица со калдрма каде што шетале млади луѓе со сиромашна облека и ниска култура. Веќе во 1925 година  сликата на корзото оддавала пријатна атмосфера, додека во 1935 година на корзото се забележувале госпоѓици и господа со лаковани чевли, свила и француски парфеми, култура која   во 1938 година веќе претставувала стандард. 

Корзото на главната улица “Крал Петар” било душата на градот, каде што на попладневните променади секој се однесувал според непишани правила.

Сите  на корзото знаеле каде треба да се шетаат, во својот дел на улицата. Девојките шетале на средината на улицата, а вљубените парови се шетале на главниот тротоар. По одредено време,  корзото од улицата “Крал Петар” се префрлало на “Џафте” корзо кое се простирало од улицата “Цар Душан” до Железниот мост покрај кејот на реката Вардар. Најголем број од шетачите на ова корзо биле претставници на работничката класа. 

Општата слика на корзото претставувала  разновидност на шетачи - млади, стари и деца кои продавале разни производи,  главно храна.