Корона вирус во 31 град во Македонија, вчера потврдени 100 нови случаи

Сто нови позитивни случаи на коронавирус во 12 градови регистрира вчера Институтот за јавно здравје од каде информираат дека најголем дел од случаите се од Скопје (56.0%).

Од вкупниот број на тестирани, 132 припаѓаат на таргетираниот скрининг во градинките (Штип, Прилеп, Битола и Скопје) со 2 регистрирани позитивни случаи, вработени во градинки во Пробиштип.

Регистрирани се случаи во сите возрасни групи, а најзастапена е возрасната група од 50-59 години со 23 позитивни. Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 53 лица од женски и 47 од машки пол.

Вчера потврдени се четири смртни случаи со место на живеење од Скопје, Куманово, Тетово и Прилеп, а за оздравени се водат 10 лица.

Вкупниот број на заболени лица од коронавирус во Македонија е 2.491 случај.

Според место на постојано живеење/ повремен престој, случаи на Ковид-19 се регистрирани во 31 град/ЦЈЗ низ државата. Најголем дел од нив се регистрирани во Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп, Велес и Штип.

Возраста на заболените се движи од 0 до 94 години (медијана – 45,0 години). Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 521 (20,9%) со инциденца од 135,9/100.000, а највисока специфична инциденца од 180,9/100.000 се регистрира на возрасната група од 50-59 години (503 заболени). Најниска инциденца од 49,8 и 49,2 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 114 и 123 случаи соодветно (Графикон 1).

Од пријавените случаи, 24,0% (n=597) се/биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите биле/се на домашно лекување, асимптоматски или со полесна клиничка слика.

Според извештаите од болниците кои пристигнаа до ИЈЗ (КИБФС, ГОБ 8-ми Септември, Клиничка болница Битола, Општи болници Прилеп, Куманово и Гостивар), моментално се хоспитализирани 101 лице, а од нив 32 се на кислородна поддршка, 6 на механичка вентилација и еден на неинвазивна механичка вентилација.

Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,3%), кашлица (52,1%), малаксаност (39,5%), треска (18,7%), главоболка (15,4%), отежнато дишење (14,2%) и болка во грло (14,0%).

Кај 830 или 33,3% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето. Пријавени се 25 (1,0%) случаи кај бремени жени, од кои 8 биле хоспитализирани во текот на болеста. Тринаесет од регистрираните се асимптоматски случаи.

Регистрирани се 276 (11,1%) случаи на заболување меѓу здравствени работници.

Регистрирани се 145 смртни случаи (Лт = 5,8%). Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (n=93) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 24,3/100.000 жители. Регистрирани се 99 смртни случаи кај лица од машки и 46 кај лица од женски пол. Регистриран е по еден смртен случај кај здравствен работник и бремена жена. Девет (6,4%) од пријавените случаи починале во вонболнички услови, а останатите 136 (93,8%) починале за време на хоспитализација.

Во земјава направени се вкупно 32.161 тестирања.

Според исходот од заболувањето, 741 лица (29,7%) се активни случаи, 1.605 случаи (64,5%) се водат како оздравени (245 од нив се здравствени работници и 12 се бремени жени), испишани од болница или се со два негативни теста по домашното лекување (Табела 4, Графикон 5). Од случаите кои се водат како оздравени, 354 (22,0%) биле хоспитализирани додека останатите 1.252 (78,0%) биле на домашно лекување.