Контроверзии околу исхраната: Едно јајце на ден е штетно колку пет испушени цигари

Новиот документарец на „Нефликс“ изнесува контроверзни теории за кои допрва ќе се расправа во научните кругови.

„What the Health” е про-вегански филм кој отвора прашања за човековото здравје и конзумацијата на месото. Документарецот се рекламира како „филм кој здравствените организации не сакаат да го видат“ и веќе ја заинтересира светската јавност.

Во него се испитува наводната поврзаност на јадење место со низа болести и се изнесуваат сензационалнистички тврдења дека само една порција на месни преработки дневно го зголемува ризикот од појава на дијабетес за 51 отсто, а едно јајце на ден е исто штетно како и пет цигари на ден.

Филмот ја преиспитува и практиката на водечките фармацевтски организации и сугерира дека тие профитираат од тоа што инвестираат во месната индустрија која не прави болни.

Автори на филмот се Кип Андерсон и Киган Кун. Тие веќе снимија еден вегански филм, „Cowspiracy” во 2014 година, исто така на „Нефликс“.

Леонардо Ди Каприо, познат холивудски вегетаријанец го видел филмот и ги убедил луѓето во „Нефликс“ да го објават. Тој е извршен продуцент на филмот. Новиот филм го поддржал и Хоакин Финикс, актер, исто така веган.

Она што во филмот експлицитно не се наведува, а што е важно во дебата за него, е тоа што делумно е финансиран од веганската индустрија и што соговорниците се исклучиво вегани и лекари кои се залагаат за таквата исхрана.

Научната заедница жестоко го критикуваше ова остварување и методот по кој се собирани податоците за месото и болестите. Филмот е наречен „екстремно контроверзен“ и „искривување на научните факти“.

Инаку, студиите покажале дека месните преработки во секојдневаната исхрана се поврзани со развојот на дијабетесот во околу 19 отсто од случаите, а филмот наведува дека тој процент е дури 51 отсто. Исто така, многу студии тврдат дека постои директна поврзаност на месото, млекото и јајцата во исхраната со појава на разни болести, но тие не се поткрепени со научни факти. Тие само говорат дека постои „релативен ризик“. Тоа значи дека не секој кој јаде месни преработки ќе добие рак.

Елис Хауарт, научник која со години се занимава со проучување на ракот, смета дека пораката е оти луѓето треба да јадат помалку месо, а повеќе овошје и зеленчук, но дека авторите на филмот ептен претерале.

– Точно е дека исхраната игра важна улога во некои болести, вклучувајќи ги ракот и дијабетесот, но обвинувањата во филмот се претереани и претставуваат погрешна интерпретација на научните студии – смета таа.