Коневски: На Аеродром му требаат нови булевари, а на Скопје метро линија

Ивица Коневски, до пред две години градоначалник на општина Аеродром, а сега успешен правник со своја адвокатска канцеларија.

Што е она што во моментов најмногу ѝ недостасува на Општина Аеродром?

Аеродром има потреба од нови булеварски решенија кои се во надлежност на Град Скопје. Градот од Општината има земено повеќе од 20 милиони евра по основ на комуналии, а за жал последните две години нема реализирано ниту еден поголем проект во Аеродром. Новите излези кон центарот на Скопје ќе го решат сообраќајниот метеж, а со тоа ќе се подигне и квалитетот на урбаното живеење на жителите. Тоа е во однос на капиталните проекти, но во секојдневието, најголем недостаток е хигиената. Општина Аеродром, но и воопшто цело Скопје изминатите две години се соочуваат со голема нечистотија. Преполни контејнери и расфрлано ѓубре околу нив, смет и депонии на сите страни се веќе вообичаена слика за општината и градот. Надлежните институции мораат поефикасно и поекспедитивно да се справуваат со ова основно прашање.

Што му треба на Скопје за да прерасне во вистинска метропола?

Изградба на метро во Скопје ќе понуди брз и ефикасен јавен превоз. Метрото ќе биде идеално решение за граѓаните да бидат помобилни, а истовремено ќе помогне и во борбата против загадениот воздух. Потребна е една линија од Драчево, преку Горно и Долно Лисиче, Ново Лисиче, Аеродром, Центар, Карпош, Ѓорче Петров и Сарај  Но, тоа е огромен проект кој не може да биде готов за кратко време, потребни се минимум 10 години. Затоа, сметам дека треба да се постави како приоритет на чија реализација треба да работат сите со заеднички сили.

Погоре го споменувате загадениот воздух. Додека бевте градоначалник трпевте многу критики по однос на ова прашање, но тоа е актуелно и сега...

Проблемот со загадувањето е едно од најгорливите прашања, кое не ги мачи само скопјани, туку е меѓу главните теми и на глобално ниво. Јас и додека бев градоначалник, а и сега, секогаш велам дека воздухот не познава граници и токму поради тоа е потребно системско решавање на овој проблем во што треба да се вклучат сите општествени чинители. Воздухот го дишеме сите и затоа во борбата против загадувањето треба да се вклучиме сите заедно, без разлика на политичката припадност. Сметам дека се потребни конкретни и долгорочни мерки. Изградбата на метро во главниот град автоматски ќе го намали користењето на автомобилите, а тоа многу ќе влијае за намалување на загаденоста. Исто така, локалната и централната власт треба да доделуваат сериозни субвенции за набавка на печки на пелети за сите домаќинства кои се греат на дрва и други штетни материи. Но, изминативе две години не видовме такво нешто, освен некои мали финансиски издвојувања од буџетите. Потребно е улиците и булеварите постојано да се мијат, а хигиената да се одржува на највисоко ниво. Единствено со посветена и континуирана работа ќе може да се справиме со загаденоста. Предизборните ветувања за брзо решение на овој проблем само даваат нереални очекувања кај граѓаните.

Како од сегашна перспектива гледате на градежната експанзија во Аеродром, но и генерално во Скопје?

Актуелната власт, кога беше во опозиција, во недостиг на реални аргументи, во јавноста форсираше погрешна перцепција за градежништвото. Сведоци сме дека таа наметната перцепција негативно се одразува и врз сегашната локална и централна власт. Тогаш се создаде атмосфера дека не треба ништо да се гради, што е многу погрешно. Планското градење никому не штети, а градежништвото има економска димензија која е од витално значење за развојот на државата. За граѓаните е најважно да не се намали квалитетот на условите за живот на локациите каде што се гради. Затоа треба паралелно да се работи на нова инфраструктура која ќе ги задоволи потребите на жителите, како што се нови излези и влезови на општината со другите општини, подигнување нови зелени површини, градинки и училишта, со што ќе се подобри квалитетот на живеење. Најголем проблем е што локалните власти не го следат развојот на градежништвото со паралелен развој на инфраструктурата, а со тоа и ги загрозуваат постоечките услови за живот.