Концерт на Гоце Стевковски Септет на Скопско лето 2017

Концерт на Гоце Стевковски Септет ќе биде одржан вечер во Сули ан, во рамки на манифестацијата „Скопско лето 2017“.

Гоце Стевковски кој на пошироката јавност и е познат по неговите ангажмани како џез тапанар во повеќе етаблирани групи како Архангел, Леб и сол, Бодан Арсовски Езгија Бенд, Проект Жлуст, ДНО, а во последниве години својот музички интерес го насочува кон џез музиката, учествувајќи во бројни џез проекти и соработувајќи со скоро сите значајни имиња на македонската и балканската џез сцена.

Покрај изведувачката дејност, Гоце Стевковски работи и како професор по тапани и удиралки на Џез академијата во Штип.

На концертот во Сули ан Гоце Стевковски Септет ќе изведе композиции од првиот самостоен албум на Стевковски, „7 приказни”, кој се движи во рамки на пост-хард боп звукот, како и новиот албум „Кожув” кој претставува потрага по корените односно преплет на современиот џез со примеси од теми карактеристични за традиционалната македонска музика. 

За потребите на самите настапи, Септетот тековно трпи измени во самиот состав, а на концертот во Сули ан покрај Гоце Стевковски ќе настапат и Иван Иванов – саксофон, Кирил Кузманов – саксофон, Сашко Николовски – тромбон, Кирил Туфекчиевски – контрабас, но и гостите Матијаш Гајер (Унгарија) – пијано и Тодор Бакрџиев (Бугарија) – труба.