Кој е поголемиот виновник за ѓубрето по парковите и улиците – граѓаните или оние кои се задолжени за чистење?

Расфрлано ѓубре, кеси, кабаст отпад покрај контејнерите. Оваа непријатна глетка е честа појава во урбаните градски средини. На социјалните мрежи може да се забележат фотографии кои сведочат за ниската еколошка култура. Расфрланото ѓубре покрај естетски претставува и здравствен проблем, а граѓаните велат дека покрај надлежните, за ваквата глетка виновни се и самите жители.

Неретко покрај контејнерите може да се забележат гранки од дрва, како и градежен материјал. Граѓаните велат дека во некои населби фалат контејнери или пак тие се во недоволен број. 

Од Комунална хигиена, тврдат дека главниот град редовно се чисти. Сметот се собира еднаш во денот во зависност од населбата за која станува збор. 

Што се однесува до кабастиот отпад кој можеби најмногу може да се забележи покрај контејнерите, од Комунална хигиена апелираат граѓаните да го носат во станиците за отпад во Карпош, Вардариште или Шуто Оризари, или пак да ја повикаат нивната служба која ќе си ја наплати оваа услуга.