Кој брза да стапи во брак, се кае пополека

Денес, повозрасните велат дека никој веќе не трпи никого. Според нив, тоа е причината за честитите раскинувања и разводи. Тие знаат да се навратат на нивното време кога постоело големо почитување, но и (според нив) поголема волја и напор бракот да успее. Се знаеле и почитувале правилата, се исполнувале брачните и семејните обврски, улогите не се мешале, а бракот траел. Единственото нешто што нашите родители и баби и дедовци не ни кажуваат е тоа дали биле задоволни и среќни од бракот или само се трпеле еден со друг.

Статистиките покажуваат дека во современите држави речиси 50 % од браковите завршуваат со развод. Тоа често тера дел од помладата генерација да не брза толку при стапувањето во брак, но постои и голем процент кои верувајќи во моќта и убавината на бракот како институција, со цело срце стапуваат во бракот. Иако финансиите и комуникацијата се наведуваат како најчестите причини за разводите, сепак експертите имаат различни размислувања на оваа тема.

Немање волја за компромис

Дел од луѓето веќе како да си здосадуваат од другата личност и работите кои претходно ги правеле за неа, веќе не ни помислуваат да ги направат. Психолозите истакнуваат дека не морате никого да трпите, но кога веќе сте одбрале една личност како ваш животен сопатник, треба да покажете волја и сериозен напор конфликтите и недоразбирањата да не ги претворите во големи кавги.

Непростување

Нашата неспособност да им простиме на луѓето за кои сме се колнеле дека ги засакаме засекогаш во нашиот живот е многу честа причина за неуспех во браковите. Не зборуваме за неверства и големи лаги, туку за помали ситници кои се дел од заедничкиот живот.  Врските се полесни бидејќи не го минуваме сето време со саканата личност и на тој начин во брак веќе како да го губиме трпението. Вистинското простување е она кога можеме кон партнерот да се однесуваме како ништо да не се случило, што се покажува како многу тешка задача за двојките.

Заборавање на пријателството

Понекогаш термините „сопруг и сопруга“ за многу луѓе придонесуваат да забораваат на тоа дека покрај се, тие се пријатели. Тие забораваат на пријателстовото кое се формирало и развивало во врската. На тој начин, тие забораваат да комуницираат како личности кои си значат еден на друг, да го почитуваат туѓето мислење и вистински да слушаат.

Неизговорени очекувања

Неспособноста да се комуницира нормално за голем дел од луѓето создава фрустрации и анксиозност бидејќи партнерот не ги исполнува нивните очекувања. Најголем дел од таквите очекувања се неискажани. Треба да знаеме дека нашите партнери немаат моќ да читаат мисли и треба да бидеме јасни доколку очекуваме нешто од нив.

Семејни и општествени притисоци

Во многу бракови се случува еден од партнерите да биде под голем притисок од своите родители и/или пријатели и тоа да биде како нивно мешање во бракот. Двете личности во бракот се многу различни, а кога на тоа ќе се додадат и очекувањата и притисоците од другите луѓе, настанува вистински хаос.

Недостаток на самопознавање

Постои голем процент на луѓе кои никогаш не биле особено заинтересирани да истражат што им е потребно и какви личности се тие. На тој начин, тие едноставно во бракот влегуваат како празна тетратка. Во тој случај, доколку другата страна е поизградена и позрела личност, таа очекува слично  ниво на самопознавање од другата страна, но не наидува на тоа. За чувствата и мислите треба да се дискутира, а понекогаш и да се побара помош од стручно лице доколку комуникацијата не оди на подобро.