Кога некому сте само резерва, а никогаш приоритет...

Дали некогаш сте се нашле во ситуација да се справувате со личности кои само земаат од вас и ве истоштуваат? Тука се за вас само кога тие сакаат. Вие сте втор, трет избор, понекогаш и последен. Секогаш ставени на резервна клупа која служи во случај ако нема ништо подобро во тој момент. И истите тие очекуваат да бидете покрај нив секогаш кога тие ќе го посакаат тоа. 

И многу лесно може да се наседне на овие шеми. Јас сум наседнала барем 100 пати. Секогаш истата приказна. Ако нешто кажете, секако дека не сте во право. Она што сте го кажале во некој момент дефинитивно ќе биде искористено против вас. Вие не го разбирате тоа, бидејќи не размислувате како нив. И секогаш вие сте тие кои сте виновни за нешто. Никогаш тие. 

И така вие давате сѐ од себе... и своето време и својата енергија, верувајќи во нивните зборови дека сте им важни. Жал ми е, но вистината е дека не сте им важни. Барем не толку за да одвојат време за вас. Освен кога на нив им одговара. Немојте погрешно да ме сфатите. Тие имаат свои добри моменти. Моменти во кои ќе уживате со нив, ќе разговарате, ќе се чувстувате топло и сакано. Но, повторно, тоа е само кога ТИЕ сакаат. Кога тие ќе почувствуваат потреба за љубов и внимание. 

Па кој не сака љубов и внимание? И вие повторно одново и одново давате, а со текот на времето се чувствувате сѐ полошо и полошо. Сѐ додека еден ден не ви дојде преку глава. Или евентуално сѐ тоа поттиснувате во себе, па внатрешно се кршите. Како и да е, ниту еден избор не е добар за вас. Размислете.

Секогаш сте некаква резерва, никогаш приоритет. Не верувајте во зборови. Само на ДЕЛА!

И следниот пат кога ќе се најдете во ваква ситуација би можеле едноставно да им кажете „НЕ“ на нив, а да си кажете „ДА“ на себеси и подобро е да уживате сами во свое друштво, барем ќе знаете дека имате мир. Нема ништо лошо во тоа. Напротив.