Кога некој кој не ве сака ќе си замине од твојот живот, вие не сте изгубиле ништо

Кога бев девојче, мојот најголем страв беше дека ќе ги изгубам луѓето кои ги сакам. Се будев навечер и проверував дали сите се на број. Сите материјални глупости и загуба на пари никогаш не ми значеле. Секогаш ме болело кога ќе изгубам некого. Ме болеше кога луѓето ќе ме повредеа. Ме болеше кога луѓето си заминуваа. Од мојот живот или од светов. 

Кога бев девојче, мислев дека можам да ги спречам тие работи и да ги контролирам. Мислев дека луѓето секогаш остануваат ако доволно силно сакаш да останат. 

И всушност така најчесто ги бркаш од себе.

Девојчињата не можат тоа да го разберат. Жените би требало да го знаат тоа. 

Мразам љубомора. Таа укажува на недостаток на доверба во другата личност. Укажува на завист. Таа е единственото примитивно чувство. 

Љубовта е едно прекрасно чувство. И сѐ додека има љубов, тој некој, за кого се плашиш дека ќе го изгубиш, секогаш ќе биде твој. Тој некој чии пораки ги проверуваш. Чии кошули ги мирисаш како да сакаш да пронајдеш траг од нечиј туѓ мирис. Тој некој никогаш нема да те повреди ако доволно те сака. Не постои таков алкохол, жена, ниту момент во кој можеш да го скршиш срцето на некој кој го сакаш. 

Јас го научив тоа и конечно живеам слободно.

Кога тој некој кој не те сака си оди, не си изгубила ништо. Кога некој те изневерил, тој не те сака. Кога некој сака или посакува некој друга повеќе отколку тебе, сосема е нормално да си отиде. Зошто воопшто би сакала да бидеш нечија утешна награда? Зошто би сакала некој да биде со тебе затоа од навика?

Кога вриштиш затоа што останал еден час подолго со другарите во кафана, тоа нема да го спречи да направи нешто што сакал да направи. Кога не се одвојуваш од него, тоа нема да избрише од глава слика од друга жена, под претпоставка да постои. Најголема е веројатноста дека во еден момент ќе му дојде преку глава од твоето однесување.

Љубомората е одраз на несигурноста. Со љубомората кажуваш дека немаш доверба во човекот со кого си во врска. Како можеш да бидеш интимент со личност на која не ѝ веруваш? Покрај која се чувствуваш нервозно? Како можеш да споделуваш љубов со некој за кого мислиш дека би можел да те предаде?

Ние луѓето понекогаш комплицираме многу едноставни работи. Не одлучуваме во кого ќе се заљубиме. Тоа е некој чуден сплет на необјаснети околности кои прават срцето забрзано да ти чука или да се смееш малку глупаво. Не одлучуваме покрај кој сакаме да се будиме. Или кој ќе нѐ сака нас. Но, знам дека никогаш не би сакала покрај мене да се буди маж кој не го сака тоа со целото свое битие. 

Нормално е мажот кој ме сака понекогаш да погледне друга жена. Нормално е мажот со кого живеам да има додворувачки. Нормално е мажот кој го сакаш да има и друг дел од животот кој не те вклучува тебе. Нормално е мажот со кој живееш да им другарки и колешки.

Не е нормално твојот маж да спие со други жени додека тебе те лаже дека те сака. Но, во тоа нема да го спречат твоите постојани сомнежи и константно проверување. Ти ќе знаеш. Затоа што секогаш знаеме. Прашање е само колку си подготвена да истрпиш. Заради сигурноста. Заради децата. Родителите. Станот. Кредитите. Навиките. 

Оној кој те сака никогаш нема да си замине. Толку е едноставно. 

Дали ти некогаш би си отишла од некој кој го сакаш?

Си одиме од оние кои не нѐ интересираат. Кои сме ги надраснале. 

Никогаш не би прифатила да бидам на второ место. Никогаш не би очекувала да бидам единствено место во неговиот живот. Само да биде посебно. Малку поинакво. Она единствено место каде тој никогаш не би ми го скршил срцето.