Ќе земаат ли повисока плата административните работници?

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија бара покачување на платите за вработените во јавната администрација согласно покачувањето на минималната плата кое ќе започне во месец октомври.

Претставниците на КСС соопштија дека ќе бараат свикување на седница на Економско – социјалниот совет на која ќе се разгледува нивниот предлог. Тие сметаат дека во одредени сектори во јавната администрација, платите на вработените ќе бидат под износот на минималната плата, а со самиот тој чин ќе се суспендираат и постоечките колективни договори.  

За да се спречи тоа, тие побараа зголемување на платите за 19 проценти заради задржување на распононот на платите на сите категории на јавни службеници.