Ќе запре ли изградбата на футуристичка кула со ротирачки ресторан на Водно?

Ќе запре ли изградбата на Телекомуникациската кула на Водно? Македонската влада на последната седница донесе одлука со која бара од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) да направи детална анализа за оправданоста на изградбата на Телекомуникациската кула на Водно.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски изјави дека АЕК има рок од еден месец за да го изготви овој документ. „Владата побара да се види оправданоста за изградбата на столбот или тие средства да се пренаменат за други потреби за граѓаните“ изјави владиниот портпарол.

Антенскиот столб висок 155 метри се гради повеќе од четири години. Финансиската сума за изведба на овој објект е уште повисока – дури 18 милиони евра би се инвестирале за оваа намена. Камен – темелникот за Телекомуникациската кула на Водно ја постави лично поранешниот премиер Никола Груевски, кој беше импресиониран од големината на самата градба. За разлика од него, екологистите уште од првиот ден настапија со негативни критики кон објектот. Тие порачаа дека Парк – шумата „Водно“ ќе се доведе во опасност од уништување, но не само од овој објект, туку и од останатите планирани од претходната влада.

 Бетонската конструкција на Телекомуникациската кула на Водно веќе е изведена. Сепак, во моментов е нејасно колкави финансиски средства се предвидени за довршување на овој објект. Само лани, од АЕК за овој антенски столб издвоиле над 3,1 милиони евра.

 Предвидено е објектот  да има и придружни содржини во приземјето: помошни простории, електроблок за непрекинато напојување, резервоари за техничка вода, како и простор за контрола и мониторинг на објектот. Над приземните содржини ќе има голема тераса. Идејата е во објектот да се изгради ротирачки ресторан како и административни простории за Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) и за Министерството за внатрешни работи (МВР).

Објектот е од армирано бетонско јадро со висина од 112 метри, во кое се сместени вертикалните комуникации, скалите и двата лифта. На висина од 57,76 метри е поставена конзолна платформа со површина од 200 квадрати, на која треба да се поставува телекомуникациската опрема. Следните две платформи се на височина од 66,88 и 76 метри. Последната платформа е на височина од 85,12 метри, од која последните 2 метра од површината се предвидени да ротираат околу оската на јадрото.

Со своите 155 метри, телекомуникациската кула ќе биде највисокиот објект во Македонија, а нејзината намена ќе биде контрола и мониторинг врз радиофреквенциите на територијата на целата република.