Ќе се пензионира ли Пандев?

Македонскиот репрезентативец и член на италијанска Џенова, Горан Пандев пред италијанските медиуми ја прокоментира својата иднина и дали планира да го продолжи договорот со тимот од Серија А.

– Во јуни ќе одлучам дали ќе продолжам со мојата кариера или не. Моментално целосно сум фокусиран на натпреварот против Болоња. Уживам во Џенова и секако ќе останам да живеам тука. Економските услови не се важни. Тука најдов мотивација, се чувствувам важен во тимот, дека можам да му помогнам. Се чувствувам одлично на физички план, и со моето искуство и континуитетот што ми го дава Балардини, доаѓаат и добрите игри. Се надевам дека ќе продолжиме во ист стил и понатаму, изјави Пандев.

Горан Пандев игра добро во последните дуели за Џенова, со што му помогна на тимот да освои важни поени во Серија А во борбата за опстанок. Тој има три гола, од кои два во последните два натпревари против поранешни свои екипи – Лацио и Интер.