Ќе се отстранува нелегално поставена челична конструкција на локал на улица „Македонија“

Oвластен градежен инспектор на Општина Центар донесе решение за отстранување челична конструкција на „Гастротека Сиеста“ Д.О.О. за локал на улица „Македонија“, позади Лотарија на Македонија.

Како што соопшти Општина Центар, сопственикот на локалот не поседува одобрение за градење на челичната конструкција и бидејќи го нема испочитувано решението за отстранување на градбата, нелегалниот дел од објектот ќе биде отстранет.

Според Општината, овластениот градежен инспектор донесе и решение за присилно административно отстранување челична конструкција и дрвена платформа на локал на „Најдески 2016“ Д.О.О.Е.Л. Скопје, кое се наоѓа на улица „Мито Хаџивасилев Јасмин“. Како и во претходниот случај, инвеститорот нема одобрение за градење и не го испочитувал рокот сам да ја отстрани градбата.