Ќе се менува локацијата на дел од новите големи контејнери

Во моментов ниту една велосипедска или пешачка патека не е целосно блокирана, туку на неколку патеки се направени заобиколувања околу контејнерите. Ова е одговорот на градските власти по протесното возење на неформалната група ентузијасти велосипедисти „На точак“, против контејнерите поставени на велосипедските патеки и на тротоарите што се одржа во средата доцна попладнето.

Според проценките на надлежните, градски служби на околу 15 локации се применети привремени решенија, но вело-патеките се функционални.

– За можните проблеми во првичното поставување на опремата, Градот Скопје одржа средба со претставници на повеќе неформални групи и здруженија на велосипедисти на кои им беа посочени овие состојби и дека ќе постојат одредени привремени решенија, а понатаму ќе се адаптираат велосипедските патеки -децидни се од Градот.

Од таму велат дека се работи на изнаоѓање долгорочно оптимално решение за оваа проблематика и ги замолуваат велосипедистите за трпение и разбирање.

– Градот продолжува со реализацијата на проектот Скопје Велоград и активно работи на нови велосипедски патеки, особено во правец север-југ. Досега се направени околу 35 километри нови велосипедски патеки, со динамика од околу 12 км годишно, за разлика од минатото каде што просекот бил околу 3,1 км годишно – информираат градските власти и додаваат дека подобрувањето на велосипедската инфраструктура во Скопје и овозможување на оптимални услови за велосипедистите останува еден од врвните приоритети на Град Скопје – потенцираат од Градот.