Ќе поскапат ли становите во Карпош и Центар?

Становите во скопски Карпош и Центар ќе поскапуваат доколку не престане мораториумот за градба. Вакви се прогнозите на познавачите на пазарот на недвижнини за наредните 2 години. Очекувањата за растот на цените во овие две населби ги поткрепуваат и бројките од минатата година. Лани во Карпош се изградиле 54, а се продале 907 станови, додека во Центар се издале одобренија за градба на 85 станови, а се продале 668.

“Тоа е скоро 10 пати повеќе продадени станови отколку издадени одобренија за градба. Е сега, има акумулирани станови од претходните години кога се издавале повеќе одобренија за градба, тоа ќе се покрие, нема да има одма ефект. Меѓутоа, ако ова продолжи, во следните две години дефинитивно ќе има покачување на цените”, вели Влатко Богоевски, извршен директор на консултантска компанија за недвижнини, за Сител

Прогнозите за другите скопски населби се дека цените на среден рок ќе останат стабилни.
Според податоците, најголем број станови се купуваат со кредити, а анализите покажуваат дека македонските станбени кредити се доста скапи, а доколку се во евра, каматите се највисоки споредено со регионот.
Раст се очекува и на цените за закуп на деловен простор во трговските центри, со оглед на тоа што големите молови речиси немаат слободен простор за изнајмување.

“Како ќе се градат трговски центри ќе има влијание на малите дуќанчиња, како на пример во Бисер или Буњаковец и тие повеќе ќе страдаат, а овие ќе работат добро. Така да, градењето на трговски центри е тренд, кој што има простор и во Скопје и во Македонија”, објаснува Влатко Богоевски, извршен директор на консултантска компанија за недвижнини.

Познавачите на пазарот на недвижнини сметаат дека нема доволно шопинг центри во земјава. Очекуваат дополнителни инвестиции за нивна изградба, иако степенот на поврат од ваквите инвестиции во Македонија е помал споредено со соседните држави.