Ќе ни биде подобро кога ние ќе станеме подобри

Ќе биде подобро кога ќе сфатиш дека не мора да бидеш борец за да успееш. За вистински успех мораш да се бориш со добрина, а не со тактики. 

Ќе биде подобро кога ќе сфатиш дека на врвот има место за сите. На врвот има место за секој кој со себе ќе понесе што е можно повеќе луѓе. 

Ќе биде подобро кога ќе престанеш да се чуваш, да не веруваш, да не разговараш со непознати, затоа што успехот никогаш не им дошол на оние кои никогаш не ги засукале ракавите и оние кои се сомневале во успехот.

Ќе биде подобро кога ќе престанеш да си гледаш само за себе, затоа што тогаш не гледаш подалеку од носот, а успехот им се случува само на визионерите.

Ќе биде подобро кога ќе престанеш да мислиш дека сѐ има цена. Денес, повеќето се подготвени да ги изневерат своите принципи заради пари, а никогаш за љубов, иако би требало да биде обратно. 

Затоа што сите тие борци се кукавици. Тие се борат само за она што им е ветено, само за она што можат да го пребројат и да го допрат, а не за своите идеали. 

Ќе биде подобро кога ќе сфатиш дека не мораш да се натпреваруваш, затоа што играчите знаат само како да стигнат до целта, но не знаат повеќе од тоа, кога ќе сфатиш дека не мораш да бидеш играч, затоа што тие ги знаат правилата на играта, но не и на животот, дека не мораш да бидеш најдобар од сите, само подобар од она што беше вчера.

  • Блогдан, „Облоги од мастило“