Регулаторна комисија за енергетика ја известува јавноста дека останува во сила препораката што пред две недели ја упатиле до компаниите кои што се вршители на енергетски дејности, како и до јавните претпријатија што се даватели на водни услуги поради состојбата со пандемијата КОВИД-19 да се воздржат од исклучување на граѓаните од соодветните системи за снабдување со електрична енергија, топлинска енергија и вода поради неплатени сметки додека трае вонредната состојба.
„Практично со ова известување сакам да им соопштам на граѓаните да бидат сигурни дека нема да има исклучување од струја, парно и вода додека вонредната состојба е на сила. Во исто време сакам да изразам благодарност до компаниите и јавните претпријатија чие работење е под надлежност на РКЕ кои веднаш позитивно одговорија на препораката и во овој период покажуваат солидарност и општествена одговорност кон потрошувачите“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.
Регулаторната комисија за енергетика е во разговори со компаниите да се изнајде најдобар модел за плаќање на сметките за режиски трошоци за март, април и мај, се со цел да не им бидат на товар на потрошувачите. По постигнување на договор за конечниот модел ќе биде информирана јавноста.