Ќе добие ли Скопје паметни паркинзи?

Барањето празен паркинг секогаш претставува фрустрација за возачите, оти и на легална паркирна површина најчесто треба да вртите неколку круга со возилото и да загубите драгоцено време, за конечно да се паркирате. А ова никако не оди заедно со темпираното време на возачите во главниот град, кои секогаш негде брзаат.

Токму затоа во сите европски метрополи, според системот на таканаречените паметни паркинзи, возачите можат однапред да добијат информација дали паркингот што е на стотина метри од нив има слободни места, или да си бараат друга можност. Но, за среќа, и нашите градски власти имаат намера да фатат чекор со современите метрополи, барем во делот за паметен паркинг.

- Градот Скопје е во фаза на распишување јавен повик за подготвување проект и за реализација на проектот за таканаречените паметни паркинзи. По изборот на фирмата што ќе го изработи проектот, веднаш ќе продолжи неговата имплементација - изјавија од градот Скопје.

Според нив, низ градот ќе има сообраќајни знаци што ќе покажуваат слободни паркинг-места. Тие би биле поставени пред крстосниците на паркинг-просторите.

- Овој проект подразбира поставување сообраќајни знаци со називите на паркинг-просторите и бројка за слободните паркинг-места на посочениот паркинг-простор. Овие знаци би имале задача да ги информираат возачите на кој паркинг-простор колку слободни паркинг-места има во реално време. Истите тие би се поставиле на крстосниците пред паркинг-просторите, со што возачите навреме би дознале на кое паркиралиште имаат слободно место за паркирање и каде - дополнуваат од градот.

Граѓаните исто така ќе можат да ги проверуваат овие информации од своите компјутери или паметни телефони. 

-Очекувањата од овој проект се возачите да добијат навремена информација за тоа на кој паркинг-простор имаат слободно паркинг-место, со што ќе можат однапред да го испланираат своето патување, а така ќе се избегнат метежите и застојот пред самите паркиралишта. Со проектот се предвидува и изработка на апликација преку која корисниците на паркинг-просторите ќе можат да ја проверат состојбата за слободни паркинг-места од своите компјутери или паметни телефони - велат надлежните.

 

Извор: новамакедонија.мк