Казнета и изненадена од одлуката, но нема да коментира – директорката на МНТ по казната за случајот „Шверцери“

„Изненадена сум од одлуката, но нема да коментирам“ – ни изјави директорката на Македонскиот народен театар, Симона Угриновска, која е казнета со 15 отсто помала плата во наредните три месеци за случајот со дивеењето на навивачката група „Шверцери“. Владата вчера ја донесе оваа одлука во врска со настанот од 23 ноември, кога голем број навивачи од групата „Шверцери“ буквално го „опседнаа“ МНТ, газеа и скокаа по столчиња и му нанесоа штета што беше проценета на 3.965 евра.

Причината за казната, според Владата, е: „Директорката направила пропуст и дала согласност за отстапување на МНТ без писмен договор“.

Исто така, Владата го задолжи Министерството за култура во соодветна постапка да ѝ наложи на Угриновска од организаторите на настанот да побара надомест на штетата направена на настанот.

Угриновска по немилиот настан појасни дека организатор на настанот бил пратеникот Артан Груби, од кого таа побарала детали за програмата за настанот, но не ги добила. (izvor - fakulteti.mk)