Катните гаражи зјаат празни, а тротоарите и зелените површини полни со автомобили

Се помалку простор за паркирање во главниот град, а од ден на ден се повеќе возила на улиците. Надлежните се обидуваат да ги прошираат постоечките паркинг места и да направат нови катни гаражни, проширени паркинзи, нови зонски паркиралишта, но по се изгледа и тоа е недоволно за се поголемиот број на возила кои циркулираат во главниот град. Како што се зголемува главниот град во поглед на жители, така се зголемува и бројот на возила, а скоро и да не постои семејство во кое има само еден автомобил. Некултурата во сообраќајот видно се истакнува и во поглед на паркирањето, па ако прошетате низ градот ќе видите автомобили паркирани на зелени површини, на тротоари, пред влезови, па и на лентите од коловозите.  Граѓаните со кои разговаравме, коментираат дека поголемиот дел од катните гаражи зјаат празни и покрај тоа што цената за час е далеку пониска од останатите паркинзи или обележаните зони.

-Дел од граѓаните автомобилите ги оставаат каде и да забележат празен простор, без разлика дали станува збор за зелена површина или тротоар. Сакаат да се во близина на местото на кое што се упатиле, а паркирањето во катните гаражи им е малтретирање. Мојот став е дека треба да им далеку повеќе казни, бидејќи човекот се учи кога ќе му се удри по џеб, а се додека чекаме на неговата свест нема ништо да се промени во нашиот сообраќај, вклучувајќи го и паркирањето, вели Даниел од Ново Лисиче.

Дека секој се обидува да избегне да плати за паркинг,  а притоа не сака да се вози со градски превоз, е нашиот менталитет. Нашата соговорничка вели дека најголемиот проблем со паркирањето е во македонскиот менталитет, односно во тоа што граѓаните сакаат да избегнат да потрошат пари за паркирање, но истовремено не сакаат ниту да се откажат од удобноста на своето возило.

 -Возилото го паркирам на паркингот веднаш до цвентиот пазар во строгиот центар на градот. Работам во центарот на градот во близина на пазарот, па јас и голем број на мои колеги имаме извадено картички за паркирање, кои верувајте не си нималку евтини. Сепак, ме револтира секојдневната слика која ја затекнувам на паркингот, а тоа е големиот број на возила кои се паркирани пред самиот влез на паркингот и секако тие тука не плаќаат ништо. Не е во ред да им е дозволено на тие граѓани тука да ги оставаат своите возила и притоа да немаат никаков трошок, а ние цела година да плаќаме за паркинг. Апелирам да се превземе нешто во тој поглед, бидејќи законот треба да е за сите ист, објаснува нашата соговорничка.