Карпош аплицира за еко-греење на ООУ „Аврам Писевски“

Општина Карпош со ООУ „Аврам Писевски“, во Бардовци ќе аплицира за добивање на средства на Јавниот повик за реализација на Програмата за намалување на аерозагадувањето за 2020 година, објавен од Владата, рече Стефан Богоев, градоначалник на Општина Карпош на денешната тркалезна маса: „Состојби, предизвици и перспективи за решавање на проблемите со аерозагадувањето во Скопскиот плански регион“, во организација на Центарот за промоција на одржливи земјоделски практики и рурален развој (CeProSARD). Со промената на начинот на греење на градинката „Пролет“ во Влае, изјави Богоев, спречивме 11 килограми ПМ10 честички на годишно ниво да завршуваат во нечии бели дробови. Сега сме фокусирани на замена на системот на греење на основното училиште „Аврам Писевски“, во Бардовци, кое е последна јавна општинска установа која се грее на фосилно гориво – нафта.

На денешната дебата, градоначалникот Богоев се осврна и на други значајни мерки и политики кои локалната самоуправа ги презема за намалување на аерозагадувањето.

„Во 2020 година продолжуваме со чистење на децениските депонии долж Вардар. Станува збор за потегот од Вештачката карпа, каде што моментално се работи на Спортско – адреналинскиот парк, па се до бунарите на реката Лепенец. За овој потег одвоени се три милиони денари за чистење на теренот и подготвителни активности за негово раззеленување. Следната недела ни пристигнуваат и две цистерни за миење на улици, а наскоро ќе ги објавиме и јавните повици за субвенционирање на велосипеди и електрични тротинети“, рече градоначалникот.

Во своето завршно обраќање тој истакна дека аерозагадувањето е проблем број еден во оваа држава, па оттаму ова не треба да биде тема која разединува, туку напротив, мобилизира и ги обединува сите: институции, граѓани, граѓански организации, приватен сектор.

„Минималната плата може да се покачи со акт, со законско решение, но аерозагадувањето е проблем каде што мора да манифестираме волја, работа, стратегија и координирани активности на сите чинители во заедницата“, заврши градоначалникот на Карпош.

На тркалезната маса се обрати и Ана Петровска, од Министерството за животна средина и просторно планирање која ја истакна потребата од континуирано зголемувањето на износот на средства за намалување на аерозагадувањето и инвестиции во обновливи извори на енергија.

Директорот на Агенцијата за енергитика, Нехри Ермула посочи дека е важно општините да имаат стратегија за зголемување на енергетската ефикасност на установите под нивна надлежност, како и плански да се пристапува кон менување на нееколошките системи за греење.

Во рамки на другите сесии, имаа обраќања и претставници од граѓанскиот сектор, како и службеници од секторите за животна средина при повеќе локални самоуправи.