КАРПОШ АПЕЛИРА: Волци напаѓаат, воздржете се од ноќни прошетки на Водно

Општина Карпош викендов апелираше посетителите да се воздржат од ноќни прошетки на Водно. Апелот дојде откако општинските власти добиле пријава од жители на Средно Нерези дека во населбата се појавиле волци.

"Завчеравечер во населбата Средно Нерези волци влегле во дворови на жителите и убиле едно домашно куче-загар, а во соседниот двор изеле домашно животно - коза. Жителите на Нерези забележале голем црн волк кој ги нападнал и куќите од Горно Нерези и предизвикал паника меѓу животните и жителите на овие населби. Се предупредуваат граѓаните на крајна внимателност и да се воздржат од ноќни прошетки по Водно", велат од Општина Карпош, нагласувајќи дека ова не е првпат волци да се спуштат од планината и да напаѓаат. 

До денес е во сила ограничувањето на движењето во шуми и шумски појаси што од шести јули го воведе Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Со ова ограничување движењето во парк-шумите Водно, Гази Баба, националните паркови и заштитените подрачја се спроведуваше со одобрение и во придружба на претставник од институциите. Ограниченото движење беше со цел да се намали ризикот од пожари.