Каменуван автобус број „55“, повредена жена

Млади лица каменувале автобус во Скопје. Од удар еден патник се здобил со повреда. 

Шеесет и едно годишниот Е.Ј. вчера околу 22:40 часот пријавил дека на булеварот „Методија Андонов-Ченто“, (на надвозникот кај “Агросервис“), во автобус за градски сообраќај бр. 55, кој што се обраќал на линијата Транспортен центар- с.Арачиново во моментот кога автобусот дошол на надвозникот движејќи се во правец на с. Арачиново, група од неколку лица на возраст од околу 16 до 20 години го каменувале автобусот.

-Притоа биле искршени две стакла на левата страна од автобусот и стаклото од задната двокрилна стаклена врата од автобусот, како и едно стакло на десната страна од автобусот. Од удар од еден од камењата, била повредена З.Г.(45) која се здобила со повреди на левата аркада во вид на расекотина и крварење и веднаш потоа била префрлена во Градската општа болница “Свети Наум Охридски“, информираат од полицијата.

По укажаната лекарска помош повредената била пуштена на домашно лекување. Со оштетувањето на автобусот сторителите причиниле и материјална штета од околу 61.000 денари.

Од полицијата информираат дека е извршен увид и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.