Какво е чувството да се биде невидлива мајка?

Целиот тој напорен труд, работа и енергија, како и љубов, која ретко останува забележана. 

Сѐ некако почна да добива смисла: тапите празни погледи, недостатокот од реакции и одговори, начинот на кој некое од децата би влегло во просторијата додека зборувам на телефон и ќе побара да го однесам некаде. Во себе си велам: „Па зарем не гледаш дека телефонирам?“ Но, очигледно не. Никој не гледа дека телефонирам или дека готвам или дека чистам или дека стојам стуткана во аголот, затоа што никој не ме гледа мене. Невидлива сум. 

Невидлива мајка. Некои денови имам само еден пар раце и тоа е сѐ. Можеш ли да го поправиш ова? Можеш ли да го завршиш ова? Можеш ли ова да го отвориш? Некои денови немам ни една рака. Не сум ни човечко битие. Некои денови сум часовник кој го прашуваат за тоа колку е часот. Јас сум распоредот на ТВ кој го прашуваат на кој канал има интересен филм. Јас сум превозот кој го нарачуваат: „Околу 8, те молам“. Некои денови јас сум кристална топка: „А каде ми е другата чорапа?“, „Каде ми е телефонот?“, „Што има за вечера?“

Бев сигурна дека овие раце некогаш одамна држеа книги и дека овие очи проучуваа музика, историја и книжевност, но дека сега исчезнаа под путерот. Една вечер, неколку пријатели излеговме на вечера. Пријателката само што се беше вратила од едно фантастично патување и ни раскажуваше за сите места кои ги посетила. Јас седев и слушав. Навистина беше тешко да не се споредувам и да не се самосожалувам. 

Се чувствував бедно, а тогаш таа се сврти накај мене и ми подаде еден прекрасно спакуван пакет и ми рече дека го донела за мене. Тоа беше книга за прекрасните катедрали низ Европа. Не бев баш сигурна зошто го одбрала тој подарок сѐ додека не ја прочитав посветата: „Со воодушевување за сѐ она што го градиш додека никој не гледа“. Следните неколку денови не правев ништо освен тоа што бев задлабочена во книгата. И во неа открив четири вистини кои ми го променија животот и станаа моја инспирација за сопствениот живот:

~ Никој не знае кој ги изградил тие фантастични катедрали: нивните имиња не се запишани.

~ Тие градители целите свои животи ги посветиле на делата чиј конечен крај не го ни дочекале. 

~ Давале големи жртви и не очекувале ништо за возврат. 

~ Страста за нивното градење била поткрепена со нивната верба дека Бог гледа сѐ.

Во книгата имаше и една легенда за еден богаташ кој дошол да ја види катедралата која сѐ уште била во изградба и здогледал еден работник кој резбал една птица во внатрешноста на една од гредите. Богаташот се збунил и го прашал зошто толку се труди да ја изрезба птицата во гредата која ќе биде покриена со покривот и која никој нема да ја види. Работникот му одговорил: „Затоа што Бог гледа сѐ.“

Ја затворив книгата и почувствував како да го пронајдов делот кој ми недостасуваше. Тоа беше како да го чув Бог како ми шепоти: „Те гледам. Ги гледам твоите секојдневни жртви, дури и кога никој друг околу тебе не ги гледа.“

Ниту едно добро дело кое сте го направиле, ниту едно притиснато копче, ниту еден испечен колач, ниту еден родителски состанок, ниту една работа која сте ја направиле во последен момент не е толку малечка за да остане незабележана. Градите фантастична катедрала, но не можете сега во моментот да видиш во што ќе се претвори. Се гледам себеси како голем создавач и градител и сѐ добива смисла. 

Авторот на книгата напишал дека катедралите нема да се изградат за време на нашиот животен век, затоа што ретките се луѓето кои се подготвени да поднесат толкава жртва. 

Кога навистина ќе размислите околу ова, јас и не сакам мојот син да донесе другар дома и да му рече: „Мојата мајка станува во 4 наутро за да меси домашна пита, па потоа го крчка месото три часа, а потоа ја пегла облеката.“ Тоа би значело дека си кревам споменик самата на себеси. Само сакам да дојде дома и да донесе некој кој му е важен. И ако мора да дава некаков вовед, би сакала да каже: „Ќе се воодушевиш.“

Како мајки, ние градиме фантастични катедрали. Иако тоа го правиме без воопшто и да не видат дека го правиме тоа. И тогаш, еден ден, голема е веројатноста дека светот ќе се воодушевува не само на она што сме го изградиле, туку и на убавината која невидливите мајки ја имаат донесено на овој свет.