Каква тајна кријат подземните ходници под улица Македонија во центарот на Скопје?

Дванаесетгодишно момче Људмил, нашинец од Австралија, открил урбана мистерија врзана за старо Скопје.

Тој ја раскажал неверојатна приказна за тајни ходници што како дете ги открил под сегашната улица „Македонија“ во 1963 година.

Претпоставува дека по ходниците се движела турската војска.

– Кога Турците бегале за Истанбул силно потиснати од нашите, меѓу останатите работи што ги носеле со себе биле и три коњски коли полни со злато. Само што немало никаква шанса да ги потераат коњите во тунелите кои влечеле претоварени коли.

Така што, трите коли сосе 6 луѓе на нив и по 4 коња на кола биле затрупани некаде под земја. Подобро им било да го затрупаат златото отколку да бидат фатени со него, а поради него убиени. Така тројца турски големци успеале да избегнат сигурна смрт.

Оваа информација ја имам многу одамна од еден стар скопјанец кој веќе одамна е починат. Оваа урбана легенда е таа што дополнително го разгори мојот љубопитен и авантуристички дух – раскажува Људмил.

Во истата таа 1963 година, кога ги открил капакот и мистериозниот ходник под него, и кога му се родила идејата да го истражи со надеж дека ќе ја разоткрие оваа урбана легенда која ја чул од старецот, Скопје го стресе катастрофалниот земјотрес. Руините што тој ги остави зад себе ја направија оваа негова авантура речиси невозможна.

– Ние, губејќи го нашиот дом, куќата на Петар Драшин, која го издржа земјотресот со мали оштетувања, но сепак беше срушена, се преселивме во населбата Влае. Иако не запрев со истражувањето на сите тунели и отвори што ги наоѓав, многу од местата каде што проценував дека водат, беа урнати и како да ја голтнаа тајната во себе. Легендата за тунелите под Скопје и златото на турските големци за мене остана урбана мистерија, која и понатаму ме скокотка, завршува Људмил.