Многу луѓе денес не можат да го замислат своето живеење без технологијата. Какви би ни биле деновите ако не проверувавме постојано лајкови или не ги проверувавме постојано новите вести, трачеви и известувања?

Веројатно, многу порелаксиран.

Технологијата влијае на општеството, но и на животите на луѓето како поединци. Денес, се чини како сите нешта околу нас да се дел од технологијата. И уште полошо, како да не можеме ништо да направиме без неа. Иако во голема мера ни го олеснува живеењето, изгледа како самите да сакаме да ги усложнуваме работите со постојаната опседнатост со неа и социјалните мрежи кои само прават да се чувствуваме како да мораме да се споредуваме со другите, да мораме да бидеме во тек со сите нешта и ни создаваат повеќе нервоза и несреќа, отколку среќа и добро расположение.

Голем дел од технологијата се базира на удобност. Апликации за вежбање и намалување на тежината, апликации за семејниот буџетот, такси, шопинг, авио билети. Но, не сфаќаме дека плаќаме огромна цена. Имаме мрзеливост и незаинтересираност. Во природата или барем порано беше така – вложуваш енергија и добиваш исто толку назад. Денес со помош на технологијата и електронските уреди изгледа како многу лесно да ни се достапни сите работи и не мораме воопшто да размислуваме или да се потрудиме. Сите нешта ни се „на тацна“. Нема напор, нема претерано вложување.

Освен тоа, го намаливме интересот во живо да ги видиме нашите пријатели. Си праќаме пораки на месенџер, правиме видео повици на Скајп и тоа ни е доволно. Не ни треба повеќе. Се отуѓуваме  и изгледа како да уживаме во тоа. Премногу сме зафатени, не можеме да најдеме време, ниту пак простор да ги видиме своите пријатели од детството. Ќе го отвориме нивниот Фејсбук профил и ќе дознаеме што се случува во нивните животи. Не мора да ги прашуваме.

 Чудни ни се оние кои не поседуваат паметен телефон. Не ги разбираме.

Имаме премногу забава наоколу. Песни, видеа, филмови. Никогаш не ни е досадно, или барем не треба да ни биде досадно. Но, во сиот тој хаос на информации и фајлови, трпението и вниманието ни се се пониски. Немаме време да гледаме долга најавна шпица на некоја серија, не можеме да трошиме премногу време на некое видео кое е просечно.

Но, што можеме да направиме?

Впрочем, одговорот е едноставен и можеме навистина да направиме многу. Можеме да продолжиме да уживаме во технологијата, но истовремено да станеме свесни за  токсичното однесување кое е предизвикано од неа. Дали сме постојано на телефон, или пак минуваме време во природа? Како комуницираме со нашите пријатели? Дали читаме книги или само статии и книги на интернет?

Овие прашања можат да ни дадат реални одговори, но и да не натераат да промениме нешто.