Како се ориентираат скопјани во својот град?

За разлика од другите големи градови (од Белград до Њујорк), каде што градската ориентација се врши исклучиво според улиците (од, на пример, „Македонска“ во Белград до Петтата авенија во Њујорк), во Скопје има само неколку улици што функционираат со своите имиња, а ориентацијата речиси исклучиво се одвива според одредени топоними кои, главно, не постојат. На пример, можете ли во момент да се сетите како се вика улицата на која е поставен споменикот на Христо Узунов? Да, се разбира, „Димитрија Чуповски“ (до неодамна „Вељко Влаховиќ“), но веројатноста дека некој скопјанец некому ќе објаснува каде се наоѓа споменикот според името на улицата е многу мала.

Додуша, и оние ретки улици кои беа препознатливи по своите имиња: „Ленинова“, „Железничка“, „Водњанска“… сега ги променија имињата во „Аминта III“, „Јордан Мијалков“, „Мајка Тереза“…, така што од попознатите улици останаа уште „Партизанска“ и „Илинденска“, додека дури и улицата „Македонија“ многумина уште ја нарекуваат „Маршал Тито“. Покрај објектите кои повеќе не постојат, а сè уште служат како ориентири („Грација“, печатница „Гоце Делчев“, „Коцка“), повеќето од зградите што служат за ориентација сe’ уште се физички присутни, иако сопствениците, функциите и имињата им се сменети („Нова Македонија“, „Пелагонија“, хотелите „Турист“ и „Гранд“), додека некои воопшто не се во функција и, како што сега се чини, уште долго време нема ни да бидат (Арапска куќа, „Бристол“).

Се разбира дека со време именувањето на ориентирите и локациите според непостоечки објекти и непостоечки улици целосно ќе ја изгуби својата смисла и – ќе исчезне. Зашто, без оглед на врежаноста во колективната меморија, како што е познато уште од времето на старите Латини, имињата означуваат. Тие се знак. А без знаци севкупниот живот, особено урбаниот живот, се претвора во конфузија. Оној момент кога знаците ќе исчезнат од реалниот простор и просторот ја губи својата функција. Конечно, барем за тоа можеме да посведочиме во контекст на она што физички му се случува на Скопје последниве неколку години.

Затоа, колку и да звучи претерано или патетично, со губењето на именувањето се губи нешто многу поважно од самите објекти и улици, се губи идентитетот на градот, неговата душа!

Не станува тука збор за некаква носталгија, за некоја жал за изгубената младост и знаците на таа младост (тие објекти и онака не постојат или не функционираат), туку за практична урбана традиција, за колективна меморија без која не може да се изгради никаков колективен идентитет, а особено не нешто што и онака е премногу фрагилно, како што е тоа идентитетот на еден град.