Како да јадете помалку, а да не гладувате

За да јадете помалку, а притоа да не чувствувате глад, придржувајте се до следните совети:

1. Зеленчукот нека зазема барем половина од чинијата

Зеленчуците се богати со вода и растителни влакна, а сиромашни со калории. Поради својот голем волумен, а мал удел во калориите, зеленчукот е мошне пожелен збир на намирници за порцијата, особено додека сте на диета.

2. Вклучете протеини во секој оброк или меѓуоброк

Намирниците кои се богати со протеини ќе ве одржуваат сити, многу подолго од јаглехидратите или мастите. Затоа, вклучете ги протеинските продукти во што повеќе оброци во текот на денот. Мешунките, јајцата, немасното месо или млечните производи, како што се јогуртот и сирењето, се секако добар избор.

3. Пијте вода за време на оброкот

Пиењето вода за време на оброкот е делотворна метода за намалување на внесот на калории. Водата не содржи калории, а прави да се чувствувате позаситени. Ако се напиете една чаша вода и пред оброкот, тогаш уште помали се шансите од прејадување.

4. Зеленчукова супа или салата како предјадење

Ако оброкот го започнете со свежа салата или супа од зеленчук, ќе изедете многу помалку храна во понатамошниот тек на јадењето.

5. Користете помали садови и прибор за јадење

Со помали чинии ќе ја намалите порцијата, а истовремено ќе го „излажете“ мозокот дека сте изеле повеќе.

6. Јадете свесно

Додека јадете, оставете ги мобилниот телефон, лаптопот и телевизорот настрана. Ограничувањето на сите пречки и занимации во текот на оброкот, ќе ви овозможи подобра проценка на тоа дали сте најадени или не.

7. Зачинете ги оброците

И додавањето појаки зачини во оброците, како лути пиперчиња или ѓумбир, ќе направи побргу да се заситите, а со тоа и помалку да изедете.