Како да ги спречите негативните мисли?

„Нема да успеам“ или „сите други имаат повеќе среќа од мене“ се некои од негативните мисли кои се јавуваат во сечија глава. Но, вистинскиот проблем настанува кога тие се повторуваат и предизвикуваат хаос и проблеми во сите области на живеењето.

Понекогаш се обидуваме да ги отргнеме лошите и негативни мисли, но изгледа како ништо да не ни успева. Сепак, научниците знаат потврдени начини кои ќе ви помогнат во тоа.

Запишете ги своите негативни мисли

Првиот чекор во избегнување на негативноста е сфаќањето дека имаме негативни мисли во текот на денот. Доколку сте свесни за таквите мисли, многу полесно ќе можете да ги промените. Што можете да направите околу тоа? Следењето на лошите навики е одличен начин за да се научи нешто од нив. Едноставно можете да ги запишете лошите мисли кои ви се јавуваат во текот на денот и да го опишете настанот или ситуацијата од која се предизвикани.

Пронајдете алтернативни мисли

Иако ова ви звучи многу тешко, всушност и навистина едноставно е. На пример, ако отидете на интервју за работа и ви се јавуваат мисли дека ќе бидете катастрофа, едноставно вдишете и издишете неколку пати и кажете си себеси дека можеби интервјуто нема да биде најдобро, но дека ќе се потрудите да дадете сè  од себе.

Не се трудете да ги читате туѓите мисли

Најголем дел од негативните мисли произлегуваат од обидот да ги читаме туѓите мисли и умови. Мислиме дека знаеме што размислуваат и како размислуваат другите, но дури и да е така, тогаш се мачиме себеси обидувајќи се да навлеземе во нечиј друг ум. Во тој случај, можеби најдобро е да размислувате како научник, прашувајќи се дали имате доказ за тоа што ви се врти во глава.

Минувајте време со позитивни луѓе

Како што е заразна негативноста, така се и оптимизмот и среќата. Стојте настрана од негативни луѓе, бидејќи тие можат да направат да се чувствувате многу лошо, и тоа на долг рок. Минувањето време со позитивни луѓе ќе ви помогне да се чувствувате подобро, но и ќе ви ја зголеми самодовербата.

Бидете благодарни

Лесно е да се занесеме со негативните искуства низ кои сме минале, но треба да се потсетиме и на добрите нешта од нашиот живот. Иако животот е тежок понекогаш, тој не е тежок постојано. Бидете благодарни и прифатете ги и добрите нешта кои ви се случуваат во текот на денот. Ако успеете да го направите ова, многу полесно ќе ги минимизирате негативните мисли.

Престанете да се жалите

Постојаното жалење за различните ситуации не само што ќе ги изнервира и одалечи вашите пријатели, туку и ќе ви создаде повеќе стрес и нервоза отколку што мислите. Тоа е така бидејќи со постојаното жалење се фокусирате само на негативните нешта, мислејќи дека животот или универзумот се протв вас. Што треба да направите? Секогаш кога ќе се најдете во лоша ситуација, запрашајте се дали таа има решение. Ако сметате дека има, почнете да работите на тоа.