Кај лекар само со лична карта, не е потребен син картон

Здравствена услуга ќе добие секој граѓанин кој е осигуреник. Тој само ќе треба да покаже лична карта, пасош, стара здравствена легитимација или електронска картичка со поминат рок, изјави министерот за здравство Арбен Таравари откако во јавноста се информираше дека се враќаат сините картони бидејќи на електронските здравствени картички им изминал рокот а нови нема кој да печати.

- Сините картони се минато и немаме намера да ги враќаме во употреба. Настојуваме да го олесниме целиот процес и лекарите да немаат потреба да се занимаваат со хартиени дикументи. Тоа значи дека граѓаните нема потреба да ги имаат ниту да ги покажуваат – рече Таравари.

Кој во Фондот, рече Таравари, наложил да се бараат сини картони во аптеките и кај лекарите ќе истражиме.

Според министерот, и лицата кои досега биле принудени да земаат сини картони нема да треба во иднина тоа да го прават, оти за тоа нема потреба.

- Со еден поглед во системот, лекарот може да види дали лицето е осигуреник или не. Таму се покажува со зелено дека е осигурен, а со црвено дека не е. Затоа нема потреба од никаков син картон. Доволна е само лична карта – рече Таравари.

Таравари најави дека се разгледуваат неколку можности за решавање на проблемот со здравствените електронски картички.

- Вклучени се МВР, Министерството за информатичко општество и администрација, како и стручни лица од ИТ областа за да се најде трајно решение на проблемот - рече тој.

Министерот за здравство денеска се сретнал со првите луќе на Фондот за здравствено осигурување, со претставници на лекарската комора и приватните лекари, како и со претставници од институцијата Мој термин. На средбите се расправало за ова прашање.