Каде да ја одморам својата душа?

Каде да се одмориме, кога ниту едно рамо нема желба на себе да прими глава и напатена душа која лута низ светот барајќи место за одмор? Место на коешто ќе можeме да ја искажеме својата болка, дури и да пуштиме болен крик предизвикан од хроничната осаменост и неразбирање. 

Во текот на животот формираме многу односи и врски. Некои траат само за миг, некои траат подолго, а некои траат цел живот. Силно сакаме да сакаме и да бидеме сакани. Многумина делумно успеваат во ова. Успеваат да ги срушат дебелите ѕидови и си дозволуваат да ги сакаат оние во кои ќе препознаат убавина за која сметаат дека ретко се наоѓа. За жал, многумина од оние кои се сакани, не умеат да ја возвратат љубовта. Дозволиле сите поранешни врски, луѓе од минатото, да бидат оние кои ги уништиле за сите оние кои се појавиле подоцна и кои сакаат да ги прифатат онакви какви што се. 

Имајќи предвид некои мои животни искуства, се прашувам каде ќе одмори мојата душа? Каде и јас самата ќе одморам на крај? Да се стопам во нечија прегратка, долго да бидам обвиена од нечии силни раце, кои ќе ме штитат од несреќите кои ќе најдојдат. Сакам да се одморам, да дадам и да примам љубов. Знам дека во суштина е убаво човек да сака, без оглед на тоа дали ќе ја добие за возврат. Знам дека можноста да љубиме е показател дека сѐ уште сме подготвени ширум да го отвориме своето срце, да се бориме во она во коешто веруваме, она со кое се гордееме и на кое се восхитуваме. Но, што кога другата страна, без оглед на нашата неверојатна моќ за подарување љубов, едноставно не може да најде место да ја возврати таа љубов? 

Изгледа дека сѐ повторно се врти околу она дека кога конечно ќе се почнеме вистински да се сакаме себеси, да бидеме свесни за своите вредности, тогаш конечно ќе можеме да процениме во кои врски треба да останеме, која врска е вредна за силно трпение и разбирање. Тоа е моментот кога живееме како едно со Бог, универзумот, со себе, тоа е моментот на вистинскиот избор на љубовта. Тој момент е местото каде што можам да се одморам од сѐ она што го носам со себе. 

Но, како и повеќето суштества, желни за човечки допир, водење љубов, здрава комуникација и слично, потребно ни е и рамото на оние на кои сме одлучиле да им ги подариме и најсветлите и најтемните страни на својата личност. Оној кој ќе ги рашири своите раце, ќе нѐ прими, ќе води долги разговори со нас, а ние без сомневање ќе можеме да плачеме и емотивно да се распаѓаме додека главата ни лежи на нивните гради, рамена, покрај нивното лице. Каде и да е, сѐ е добро, сѐ додека сме во сигурната прегратка која нуди заштита. 

Ајде да не се лажеме. Потребни ни се и други луѓе. Оние кои ќе ја почувствуваат нашата искреност и кои ќе ги рушат своите ѕидови само за подобро да не погледнат од другата страна на која сите знаеме долго да чекаме. Само се надевам дека во некои случаеви нема да биде предоцна, дека времето нема да летне, ниту пак каењето ќе стане огромно, па така поради стравовите кои секој од нас ги носи во себе, да се загуши можноста за љубов.

Зошто да не се опуштиме, да си дадеме можност, кога веќе е тука, подарена, да ја прифатиме, да растеме, да се развиваме, да сакаме? Секоја вистинска, долга и топла прегратка ни дозволува да бидеме слаби и ранливи, но вреди. Вреди да се почувствува она за коешто сите сме создадени.

Посакувам и самата да ја потпрам мојата глава на неговото рамо, да го видам, да се затворам во нашиот мал космос и да украдам неколку слободни денови и со тоа да си дадам можност за сѐ она што овозможува искористување на сите наши заеднички потенцијали. 

Се учам себеси на трпеливост. Не ми успева секогаш!

Се учам да не бидам напорна. Ни тоа не ми успева!

И често непоправилов се надевам на некакво малечко чудо кое милоста може да го подари.

Дотогаш, ќе се одморам на едно свето место, во пределот на својата душа, соочувајќи се со сето она и свесно и несвесно, во надеж дека сепак ќе дојдат нежни и љубовни денови.