Извинете, но јас престанав да верувам во љубов...

Претходната недела ми беше роденден, го дочекав таму некаде далеку со познати и непознати. Како и секоја година, без оглед на тоа каде се наоѓам, си се држев до мојот ритуал да најдам време и да се осамам, да седнам сама со себе, да си пуштам музика, да се напијам нешто и да ја анализирам изминатата година. Многу често се случува таа анализа да биде придружена со солзи. Некако се навикнав на тоа и го сакам овој мој обичај да си ги исплачам тие не толку убави моменти од претходната година. Некако како да се прочистувам. Дел од тие солзи се солзи предизвикани од недостасување, носталгија, каења, но на крајот на ритуалот, убаво се насмевнувам сама на себе и наздравувам. 

Растејќи со романи, шпански серии и љубовни драми, некако тој феномен на љубовта се врежа во моето постоење и стана една од моите најголеми желби. Љубев, сакав, патев и така неколку пати по ред. Од врска во врска, во секого пронаоѓав нешто добро, се држев за тоа како да е тоа единственото нешто на светот и така неколку пати. Барав човек. Ако не чувствував дека кај тој некој го има тоа нешто, нешто што би ме заинтересирало или завело, тогаш си заминував. Со текот на времето, паралелно на ова, цело време се образовав, се градев себеси, ширев видици, патував, работев, заработував, станав целосно независна. Природата ми даде убавина, без лажна скромност, па кога човек ќе ме погледне, си мисли дека јас го имам „целиот пакет“. 

И низ сите тие бродоломи, јас некако се изгубив себеси. Секогаш сум знаела која сум, што сум и што сакам, но со текот на времето сѐ ова почна да ми се замаглува и се задоволував со помалку од она што сакав да го имам и она што мислев дека го заслужувам. Се држев за рабови, а рабовите лесно пукаат. Секогаш трагав и барав, не можев да се смирам. И секојпат кога ќе си кажев себеси дека е крај и дека е доста, излегуваше дека не било доста. Таа некоја желба, фантазија, потреба ме одвлекуваше од тоа „доста е“ и на крајот ме доведе до тоа да почнам да чувствувам дека не сакам повеќе ништо. Едноставно мојот внатрешен глас одлучи дека не сака и не може повеќе да издржи. 

Преку глава ми е од лаги, ножеви, драми и глупости. Сѐ тоа секогаш оди во пакет со „не знам што точно сакам“ од површни и незрели мажи. Преку глава ми е од искомплексирани, од глумци, квази фраери, шовинисти и сељаци. Преку глава ми е и од квази верници кои сакаат девојката да им биде недопрена, а тие би легнале со сѐ што мрда. Тие ми се најлоши. 

Преку глава ми е од љубов и од лажна љубов. Преку глава ми е од тоа дека лажна љубов е она што секој мора да го има во животот. И можеби ќе кажете дека сепак не сум го сретнала вистинскиот човек. Можеби, но не верувам дека ќе го сретнам. За мене тоа не постои повеќе. Јас не верувам во вистинска љубов. 

Не верувам ни во чуда, а само чудо би можело да го промени ова што го мислам. Можеби ова е некој револт од сѐ она што го доживеав, но јас кренав раце и баш ми е гајле. Не, не мора сите да бидеме во брак. Не мораме сите да имаме личност во животот, ниту да доживееме вистинска љубов. 

Некои луѓе се создадени за да останат сами. Сами, затоа што судбината не им го дала она што го сакале, а не сакаат да се помират и задоволат со помалку од она што го сакаат. Да си кажам уште еднаш: „Преку глава ми е од љубов...“. И да сме живи и здрави, па што биде – нека биде.