Изгласан Законот за зголемување на минималната плата

Собранието на Република Македонија со 70 гласа „за“, без воздржани и против го донесе Законот за зголемување на минималната плата, со кој официјално треба да започне исплатата на минималната плата во износ од 12.000 денари.

Зголемувањето на минималната плата ќе се однесува на сите работници, односно таа ќе треба да биде исплатена и за вработените во кожарската, текстилната и индустријата за обувки. За таа цел, месечно ќе се одвојуваат 1,5 милиони евра буџетски средства со кои ќе се поддржуваат компаниите да го исплаќаат овој износ на минимална плата.

Според пратениците од опозицијата, со Законот се дерогира Изборниот законик и се носи популистичко решение кое нема да има никакви ефекти на среден и на долг рок. Овој закон, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ, е наменет за предизборни цели и се очекува дека со неговото донесување работниците кои ќе добијат покачување на минималната плата ќе гласаат за СДСМ на претстојните избори.

Пратениците од парламентарното мнозинство ги негираа обвинувањата, истакнувајќи дека Законот не е предизборен политички маркетинг, туку оти како лево ориентирана партија предлагаат закони кои имаат социјална димензија.