Четиринаесет архитектонски трудови, изработени од студентите на Архитектонскиот факултет, во соработка со стручните служби во општината, од понеделникот се изложени на увид на јавноста во новоотворениот културно-социјален простор „Јадро“, во општина Центар.
Изложбата на архитектонските трудови ја отвори градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ. По завршувањето на изложбата, општинска комисија ќе ги разгледа сите предложени проекти и ќе го избере најдоброто решение, кое ќе се изведе кај спортското игралиште „Партизан“, во Градскиот парк.
Изложбата на трудовите ќе трае до трети март, во КСП „Јадро“ (Урбана заедница „Дане Крапчев“).
Тој е прв простор од ваков тип, кој по пат на јавно-приватно партнерство функционира како центар наменет за реализирање на програмите на независната културна сцена, но и на поширокиот граѓански сектор, во кој можат да ги развиваат своите идеи, особено во областа на културата.